Во пресрет на манифестацијата „Прличеви беседи“ 2023 година НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид распишува Конкурс за избор на најдобра беседа посветена на нашиот патрон, големиот поет и преродбеник Григор Прличев под наслов ПРЛИЧЕВ И НИЕ.
Познато е и од неговата „Автобиографија“ дека Прличев најчесто во недела држел беседи пред своите сограѓани – охриѓани на различни теми во црквата „Св. Богородица – Перивлепта“. Ние од Библиотека преку овој прв Конкурс – на локално ниво сакаме да се обидеме да го поттикнеме творештвото на младите луѓе да пишуваат креативно и да го збогатат својот говорен израз – велат од НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.
ПРОПОЗИЦИИ:
На Конкурсот можат да се пријават сите млади од општините Охрид и Дебрца од 15 до 30 годишна возраст.
Беседата на тема ПРЛИЧЕВ И НИЕ не смее да биде поголема од 3000 зборови и треба да е напишана во фонтот ariel 12.
Беседите не смеат да имаат во себе политичка, етничка и верска содржина, туку треба да носат универзална порака за мир, љубов, соработка…
Комисијата ќе ја оценува нивната уметничка, јазична и естетско – етичка содржина.
Беседите до Комисијата се испраќаат исклучиво под шифра и авторот треба да ја наведе само возраста.
Во интерес на времето конкурсните трудови – Беседи авторите треба да ги достават на следната е – адреса: konkurszanajdobrabeseda@gmail.com
Конкурсот е отворен од 31 декември, 2022 до 25 јануари, 2023 година.
Шифрите на трите наградени Беседи ќе бидат објавени најдоцна до 2 февруари, 2023 на веб страницата на Библиотеката, социјалните мрежи и веб порталите и други радио и ТВ медиуми.
Наградите на најдобрите тројца автори кои со посeбeн примерок ќе го докажат авторството ќе им бидат врачени на манифестацијата „Прличеви беседи“ 2023 во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.