Skip to main content

Волонтерство и дарување

Пакетчиња за сите дечиња

Повеќе од две илјади новогодишни пакетчиња за охридските дечиња. Централната манифестација во рамки на караванот Пакетчиња за сите дечиња е вечерва на градскиот плоштад. Многу изненадувања, награди, дружење, забава и музика, најавуваат организаторите. Додаваат дека ќе имаат нови активности и нови пакетчиња и за Божиќните празници.
 |  инфодеск  | 
Пакетчиња за сите дечиња

Пакетчиња за сите дечиња. Хуманитарна иницијатива составена од педесетина ентузијасти веќе трета година по ред буди среќа и насмевки кај дечињата од регионов и го разубавува предновогодишниот период. Охридскиот  Дедо Мраз, Вик Какаротски вели дека  подготовките за централната манифестација поминале во најдобар ред,  во добро организирана атмосфера, сместени во посебно катче  во комплексот Касарна кое периодов го користат за спремање на поклоните. Над две илјади новогодишни пакетчиња се наменети за дечињата кои вечерва ќе присуствуваат  на главниот настан на градскиот плоштад во Охрид.

Денешниов ден кај што ќе е главниот настан во центарот на градот во 19 часот, кај шо ќе поделиме 2000 пакетчиња можеби и повеќе пакетчиња на сите шо ќе бидат присутни. Тоа ќе биде музички настан на кој ќе учествува хор , ќе имаме и водител, а на карајот, кога ќе завршат манифестациите, ќе пробаме на брз и ефективен начин да ги поделиме пакетчињата.“, кажа Виктор.

Караванот „Пакетчиња за сите дечиња“ за поклоните се подготвуваше цел декември. Првично ги израдуваа лицата со посебни потреби и децата од руралните средини. Само изминатиов период  посетиле повеќе општини од регионов и на дечињата им поделиле повеќе од 1000 новогодишни пакетчиња. Вик е задоволен затоа што приказната се шири и се повеќе млади се вклучуваат, го препознаваат и прифаќаат волонтерскиот дух.

Низ Македонија имаме околу 30 луѓе што ни помагаат, на кои што им праќаме пакетчиња по карго а тие ги делат и се случуват и таму нештото а овде имаме и список на евиденција и се запишале различни 50 тина активисти на возраст од 12 до 35 годишна возраст а најактивни се некаде околу 15 луѓе. Тоа е нештото што го движи проектов затоа што ова не може никој да го направи сам и многу ми е мило што децата го препознале волонтеризмот и дека може да се направи добро за некој друг, дошле и помогнале тука во Пакетчиња за сите дечиња.“, потенцира Вик.

Иницијативата има голема поддршка од Општина Охрид, од општествено одговорни компании, организации и поединци. Акцијата со донирање ќе продолжи и во наредниот период, најавуваат нови подароци за сите дечиња и за време на божиќните празници.