Оптимистички најави за 2023 на полето на туризмот
Оваа година се очекува стабилизација на туристичкото стопанство, прогнозираат од АППТ. Новите авио линии ќе донесат повеќе туристи во земјава.
Со авио линијата Охрид-Белград, која стартува од месец јуни се очекува да се удвои бројот на ноќевања на српските туристи, кој во текот на изминатата година беше зголемен за 40 проценти, но и да ја зајакне економската соработка помеѓу двете држави.
Останатите линии не само сезонски туку и редовни ќе ја прошират понудата во текот на целата година.
Фокусот повторно ќе биде на регионалните пазари кои треба да ги стабилизираме очекуваме помеѓу 10 до 15 % дополнително секундарните пазари помеѓу 30 и 40 % раст. Односно 2023-та година заеднички со засукани ракави верувам дека ќе успееме да ја надминеме бројката од 3,2 милиони ноќевања и сериозно да се приближиме до пола милијарда трговски да кажеме или туристички импакт во македонската економија од туристичкиот сектор и да кажеме дека можеме повеќе – вели Љупчо Јаневски, директор на АППТ.
Оваа година според директорот на агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Јаневски се очекуваат и туристи од егзотичните земји, кружни тури, но и голем број на европски гости.
Очекуваме 2023 година да имаме поголем број групи од поразлични дестинации, групи од егзотични дестинации односно за нив Балканот е егзотично место, како и минатата година што можевме да препознаеме португалски, шпански, мексикански, бразилски и тоа токму во Охрид кои што ќе бидат на еден до два дена. Се надеваме се повеќе и повеќе кружни патувања од дестинации кои што досега не не посетувале – додава Јаневски.
Една од целите на македонскиот туристички сектор за 2023 година е бројот на ноќевања од стратешки важните туристички пазари да биде поголем дури и во однос на претпандемиската 2019 година, која се смета за рекордна година во туризмот.
Новинар : Соња Рилковска