Времеплов на новогодишните прослави
Во Охрид масовното славење на Нова година има традиција од средината на 50- тите години од минатиот век. Охриѓани пред Втората светска војна го празнувале Божик, а празничната новогодшина еуфорија започнала во животот на повоената генерација охриѓани. Записи за новогодишните прослави низ времето останале на фотографиите во црно-бела боја од којшто дел се зачувани во депото на градскиот Историски архив. Модерната облека , празничната трпеза, музиката и забавата од секогаш биле во духот на времето во кое се живеело па така и се празнувала Нова година.
Генерации деца, денес возрасни луѓе, како и денешните деца се радувале на китењето елка и на новогодишните подароци. Со нетрпение и голема радост се очекувале подароците кои ги носел Дедо Мраз придружуван од Снегулка.
„Не биле невообичаени и хуманитарни дарувања за децата кои биле на лекување во болничките установи“, споделува Никола Мировиќ – Директор на Историски архив – Охрид.
Она што денес исчезнува под влијанието на новата технолгија се новогодишните честитки. Денес, местото на честитките го заменаа пораките од мобилните телефони. Некогаш нашите родители, баби и дедовци честитките ги пишувале рачно, а поштарите во полни торби ги разнесувале по домовите. Честитките , исто така, низ времето доживувле различни трансформации.
Секое време носи свои обичаи, се менуваат само формите, а содржината останува иста. Непроменети се желбите и очекувањата времето кое доаѓа да биде подобро. Празничните месеци кои ги одбележуваат завршетокот на старата и почетокот на новата година е време кога сите си посакуваме подобра и попросперитетна година , а желбите кои си ги упатуваме се најчесто исти здравје, среќа, љубов и мир.