Skip to main content

Бадникова поворка Охрид

Бадниковата поворка одбележува јубилеј

Во текот на една деценија во поворката учествувале голем број деца кои со песната „Вечниот Бог“ го најавуваат Христовото раѓање. Заинтересираноста за учество во Бадниковата поворка постојано расте, годинава има над 600 пријавени меѓу кои има мајки со бебиња.
 |  Валентина Неловска  | 

Бадниковата поворка во Охрид одбележува јубилеј една деценија од нејзиното возобновување. Низ текот на годините поворката станувала се помасовна. Од 100 тина деца на почетокот бројот достигнувал и до 1000 деца кои се приклучувале на поворката. Годинава се пријавени над 600 деца од Охрид и Дебрца, информира Летка Филипова од организацискиот одбор на Бадниковата поворка.

„Возрасен лимит нема за овој настан. Има мајки кои ќе си ги носат бебињата со нив. Има возрасни деца кои сакаат да учествуваат. Пред 10 години биле учесници на Бадниковата поворка, а денес се девојки и момчиња, но ќе се присутни како редари на поворката. Секој ќе ја доживува радоста на Христовото раѓање на свој начин без разлика на возраста. Поворката станува се помасовна и луѓето го сакаат овој настан. Децата се чисти души, ги претставуваат ангелите и е убав настан. Ние и во време на пандемијата иако немавме поворка со децата бевме активни доделувавме пакети за социјално загрозени семејства и болни, немавме застој “, вели Филипова.

Традиционално , учесниците во поворката се состануваат од дворот на црквата Св. Ѓорѓи, во Влашка маала во 9.30 минути. Се очекува да пристигнат на градскиот плоштад каде што ќе бидат дарувани со подароци. Децата ќе тргнат во 10 часот и ќе се движат по охридските улици пеејќи ја свечената духовна песна „Вечниот Бог“.

„Ќе им бидат поделени ѕвезди, ѕвончиња, фенерчиња и бадникови лепчиња којшто го симболизираат телото на Христос. Децата ќе се движат по улицата Јане Сандански, свртуваат десно по Булевар Туристичка, а кај Охридска банка свртуваат лево кон чаршијата, се до градскиот плоштад каде ќе бидат дарувани со пригодни подароци за овој ден од градоначалникот Кирил Пецаков и советниците“, кажува Филипова.

За да се обезбедат околу 1000 пакетчиња за децата имаше добротворни прилози, вели Филипова. За учесниците во поворкатат да добијат коледарски пакетчиња се погрижија општина Охрид, маркетите Тамаро и неколку општествено-одговорни компании.