Деца од Охрид и Дебрца преку Бадниковата поворка го најавија Христовото раѓање
Околу 600 деца од Охрид и Дебрца, многу од нив придружувани од своите родителите, беа дел од охридската Бадникова поворка. Децата кои ги симболизираат ангелите пеејќи ја песната „Вечниот Бог”, по охридските улици, ја најавија радосната вест за Христовото раѓање. Децата беа среќни што се дел од настанот, а Христијан кој денеска има и роденден ја носеше Бадниковата пештера на чело на поворката.
Се викам Христијан. Имам 17 години. Оваа година за прв пат сум во поворката и многу сум среќен што сум во поворката – вели Христијан.
Децата со песна и ѕвезди во рацете тргнаа од црквата „Св. Ѓоргија“ во Влашка мала, па низ охридските улици и преку охридската чаршија стигнаа до Градскиот плоштад каде ги пречека градоначалникот Кирил Пецаков и им подели пригодни подароци.
Традицијата е една од основните работи коишто е движечка сила на овој народ низ вековите. Наша работа е да ја почуваме традицијата споена со религијата, затоа што ова се вредностите на кои треба да ги учиме нашите деца, па и тие да ја продолжат традицијата која сме ја негувале низ вековите. Ова е еден од најбитните настани за нас, затоа што е и еден вид туристичка атракција која ја прикажува нашата традиција. Денешниот ден е и посебен за нас, затоа што го најавува Христовото раѓање. Им посакувам само здравје и љубов на сите граѓани – истакна градоначалникот Пецаков.
Манифестацијата која денес одбележува десет години од возобновувањето, по пауза од две години поради пандемијата со Ковид 19, повторно блесна на радост и на децата и на возрасните, велат од Здружението за грижа и воспитување на Деца од Охрид.
Имаме приклучени дечиња од Дебрца, во Струга исто така има поворка и во Велгошти. Овој настан се проширува во сите градови на Македонија и е многу радосно. За прв пат годинава имаме еден нов момент, односно учесници се и децата со посебни потреби и тоа е многу убаво за да не се чувствуваат поинакви од другите деца. Се надеваме дека оваа традиција ќе продолжи и младите после нас ќе го продолжат овој настан – истакна Летка Филипова.
Покрај во Охрид и во уште 60 градови во земјава, илјадници деца чекореа во бадниковите поворки на радоста и пеејќи ја ангелската песна „Вечниот Бог“ го најавуваа Христовото Раѓање.