Започна карневалското лудило во Вевчани
Во падините на Јабланица карневалското лудило. Вевчани денес наликува на слободен театар без граници со многу хумор и сатира. Зурли, тапани, покрај традиционалните зетот и невестата, Глупавиот август и ѓаволите, низ вевчанските улици продефилираа стотици маски.
Во фокусот на карневалот беше енергетската и економската криза, европската интеграција на земјава, спорот со Бугарија, војната во Украина, изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Низ улиците прошетаа и министерката за одбрана Славјанка Петровска, Жан Митрев и покојната кралица Елизабета.
Првиот човек на општина Вевчани ја повика јавноста да не замерува за маските, василичарите немаат намера да навредат никого, тие се коректор на власта.
Вевчанскиот карневал привлекува голем број туристи од земјава и светот, но и новинари и фотографи кои се воодушевуваат од изворната традиција.
Некој ми ги покажа фотографиите од Вевчанскиот карневал се воодушевив колку е уникатно и старо ова карневалско случување, кое ја продолжи традицијата и во време на пандемијата и затоа дојдов – изјави Герен Смит, фотограф од Амстердам.
Вевчанци со карневалот ја слават Стара Нова година, со маските и ритуалите се обидуваат да го избркаат злото. Пишаните извори сведочат дека Вевчанскиот карневал е стар најмалку 1.500 години. Денес овој настан е интересно и необично преплетување на паганските со христијанските обичаи.
Карневалот завршува утре со последното василичарско оро и ритуалното палење на маските.
Новинар : Соња Рилковска