Прегазена жена на пешачки премин во Струга оставена на улица, заврши во болница
Ја прегази автомобил, a возачот избега, повредената жена е во болница и нема пари за лекување. Несреќата се случи пред неколку денови, во ноќните часови, кога 58-годишна жена од Албанија, која живеела во Струга била прегазена на пешачки премин и оставена на улица.
Со тешки повреди и крварење на мозокот, во критична состојба е хоспитализирана во Специјалната болница „Свети Еразмо”. Оперативните зафати засега чинат над 3000 евра, невладината „Хумани стружани” собира пари за лекување.
Пред неколку денови беше прегазена една жена на пешачки прмеин. Случаен минувач пријави во полиција. Жената е во критична состојба сакаме да и помогнеме да собериме парите за сметката во болница, операцијата чини околу 3000 евра – вели Шкелзен Ајрулаи од НВО „Хумани стружани”.
Хуманитарните организации ги повикуваат возачите да возат повнимателно и да покажат човечност и хуманост, да помогнат на жртвите.
Апелираме до сите возачи да бидат повнимателни. Хуманоста се покажува ако се помогне – додава Ајрулаи од НВО „Хумани стружани”.
Повредената жена е од Албанија, живее и работи во Струга, но немала здравствено осигурување. Таа е се уште во болница, од каде велат ќе треба уште една операција на потколеницата, а трошоците за лекување ќе растат. Од СВР Охрид велат, се работи на расчистување на случајот.
Новинар : Соња Рилковска