Струшка невладина собра пари за лекување на прегазената жена
Невладината организација „Хумани стружани” за неполни два дена ги собра потребните 3.100 евра за болничките трошоци на повредената 58-годишна жена, која пред една недела беше прегазена и оставена на пешачки премин во Струга, објави СДК.мк.
Таа во критична состојба, со тешки повреди и крвавење во мозокот била примена во болницата „Свети Еразмо“, откако несовесниот возач ја прегазил и избегал од местото на несреќата. Настанот го пријавил минувач, а полицијата сѐ уште работи на расчистување на случајот.
Семејството на жената, која е од Албанија, а живее во Струга, е во тешка финансиска состојба и побарало помош од „Хумани стружани“ поради тоа што немале пари да ги платат трошоците за хоспитализација и оперативниот зафат.
Ова семејство и претходно го помагавме и оттаму нѐ познаваа. Откако се случи несреќата, ни се обрати нејзиниот син да побара помош и за само неполни два дена ги собравме потребните средства. Благодарни сме на сите кои помогнаа и покажаа дека сме хуман народ – вели Шкелзен Ајрулаи од „Хумани стружани”.
Од „Хумани стружани“ велат дека во тек е акција за собирање на дополнителни 4.000 евра потребни за прегазената жена која е без здравствено осигурување, а на која треба ѝ да се изврши уште еден оперативен зафат на потколеницата.