Во Пештани насликан витраж Крштевањето на Исус
Во предвечерието на Водици, во Пештани е насликан витраж со мотив „Крштевањето на Исус “ . Пештанците, Драган Филипоски и Дејан Размоски се автори на овој несекојдневен мотив, насликан на угостителски објект, во кој годинешните кумови ќе слават Водици. Двајцата се сликари аматери со голем талент и желба за творење. Познатиот угостител Драган Филипоски, вели дека е горд на заедничкото дело што го создале со Дејан, за кое вели дека е невообичаено во охридско. Идејата дојде во секунда, а работевме со големо трпение и смирение, раскажаува Филипоски, додавајќи дека луѓето, гледаат со голема почит кон нивното дело.
„Не само Пештанци туку нема човек кој не дал позитивен коментар тука се и викенд гостите кои ги имаме од цела Македонија. Има и многу фотографирање. Презадовлни сме со Дејан од ова што го направивме. Веројатно се се случи со Божји благослов за што сме многу благодарни на Бога“, напоменува Филипоски.
Дејан Размоски споделува дека кумството е голема чест во одбележување на Водици во Пештани. Оваа годинава татко му е новиот кум на Водици. Тоа е голем настан за нашето село и за цела Македонија. Традиција која се пренесува од татко на син и се случува еднаш во текот на животот да се слави како кум. Со мојот пријател Драган, чија беше и идејата, одлучивме да го насликаме витражот. Јас сликам на хартија и платно , а прв пат ми е да сликам на стакло, кажува Размоски. Се навраќа на еден момент што се случил пред шест векови, а е поврзан со Крштевањето на Исус со овој мотив.
„Во времето кога Леонардо Да Винчи бил млад и не бил познат уметник и бил ученик на учителот Верокио. Верокио добил задача да го наслика овој мотив во еден манастир во Фиренца и добиле идеја да го повика својот ученик да го нацртаат заедно и да види што го научил. Кога го завршиле делото се видело дека иако многу млад Леонардо го надминал својот учител. Во случајов, Драган беше мојот учител , како што кажав претходно немав искуство со стакло, и се надеваме дека ќе станам познат како да Винчи“, вели Размоски.
Во Пештани фрлањето на крстот е возобновено од 1987 година. На Водици возбудата е посебно голема кај новите кумови. Во селото има 8 кумства или колој како што ги нарекуваат пештанци маалските групи каде што кумствата се предаваат од татко на син. За Пештанци, иако сите христијански празници се значајни, сепак Водици е најсветлиот празник. Велат, силата на Бог се гледа во тоа што на овој ден се забораваат лошите моменти и оние кои се скарани се помируваат како ништо да не се случило во минатото.