Меѓународна конференција Охрид Водици 2023
По 11- ти пат се одржува Меѓународната научна конференција „Охрид Водици 2023“. Фокусот на годинешната тема е ставен на „Глобалните трендови и предизвици поврзани со идентитетите, културното наследство, животната средина, креативните заедници, туризмот и одржливиот локален и регионален развој“. Конференцијата ја отвори претседателот на Програмскиот Комитет д-р Рубин Земон, кој се осврна на предизвиците со кои се соочува современото општество. Покрај новите кризи во економијата, предизвици има и во културното наследство, медиумите, животната средина, а се отвораат нови прашања за кои се сметаше дека се затворени во минатото, кажа претседателот на Програмскиот Комитет д-р Рубин Земон .
„Особено за идентитетот. Некои од идентитетите се негираат, некои бараат подобра афирмација, а во јавниот живот се појавуваат нови идентитети. Очигледно е дека прашањето за идентитетот стана важно, особено ако се земе во предвид дека во современиот свет тој е еден од најмобилизирачките фактори“, кажа д-р Земон.
Фатмир Битиќи, заменик претседател на македонската Влада задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, имаше обраќање пред присутните учесници на конференцијата. Меѓу другото, Битиќи напомена дека модерните општества се соочуваат со многу компромитирачки предизвици. Тие бараат прилагодување во повеќе сектори како што се заедничко дејствување и партнерски однос на сите за економски развој, заштита на животната средина, грижа за човековите права. Се осврна и на феноменот глобализација.
„Она што јас го гледам во глобализацијата е искоренување на гласното јас и давање можност за соработка со народите, запознавање, толеранција и промоција на ислучително единство на секој еден. Можност да се запознаеме и со тоа да се почитуваме. Да работиме за нашето општетсво, со искрена намера да го запознаеме другиот. Да создадеме простор за да бидеме свои и да добиеме можност она што го посакуваме за себе да го креираме нашето општество за сите“, подвлече Битиќи.
Заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиноски им посака пријатен претстој на учесниците на конференцијата „ Охрид- Водици 2023 “. Културното наследство со кое располагаме е наш потенцијал за локален, регионален и национален туристички развој. Во однос на идентитетот, Божиноски истакна дека тоа е наш код и света содржина кои не треба да се допрат, менуваат, ни да се разговара за такви можности.
„Нашиот Македонски јазик, култура и традиција, се тие кои не определуваат како Македонци. Преку дебатата ќе ја откриеме поврзаноста меѓу културното наследство и туризмот. Република Македонија изобилува со голем број културни блага кои водат корени уште од античко време, а секое од нив има сопствена историја и културно значење“, напомена Божиноски.
Меѓународната научна конференција „Охрид Водици 2023“ е во организација на Центарот за напредни истражувања, во партнерство со „MIRAS“– Социјалната Организација за Поддршка на проучувањето на културното наследство од Баку, Азербејџан, Универзитетот Ајдин Аднан Мендерес од Турција, како и списанието Журнал за Глобални процеси од Мајами, САД.
На конференцијата се пријавени 49 трудови и презентации на 58 учесници од 11 земји.