Skip to main content

Трето коло од Лигата на шампионите

Денес се игра 3-то коло во групите А, Б, Ц и Д. Како дерби на вечерта е дуелот во Mадрид меѓу Реал и Милан, а ништо понтересни не би требало да бидат оној во Лондон меѓу Челзи и Атлетико, како и во Москва, ЦСКА и Манчестер Јунајтед.

 |  Крсте Голабовски  | 
Денес се игра 3-то коло во групите А, Б, Ц и Д. Како дерби на вечерта е дуелот во Mадрид меѓу Реал и Милан, а ништо понтересни не би требало да бидат оној во Лондон меѓу Челзи и Атлетико, како и во Москва, ЦСКА и Манчестер Јунајтед.

ЦСКА Москва – Манчестер Јунајтед.
ЦСКА игра одлично на домашен терен сезонава, гостинскиот и е голем проблем. Русите имаат една победа (Бешикташ) и еден пораз (ЦСКА). моментално се на 7п позади Рубин во руското првенство и тешко дека ќе успеат да бидат меѓу првите две. Хуанде Рамос нема да може да смета на Марк Гонзалез, кој ќе ја пропути цела сезона и тоа е голем хендикеп за нив. Сепак во одлична форма се младиот тален Џагоев и српскиот интернационалец Милош Красиќ.
Алекс Фергусон нема победа веќе пет дуела по ред на гостувањета во Русија. А сега ќе му биде најтешко гостувањето бидејќи има цел еден тим повредени. Руни, Гигс, Патрис Евра, Парк, Дарен Флечер и Овен Харгрејвс дефинитивно не играат, а Бербатов и Немања Видиќ иако се најавени под знак прашалник, сепак би требало да бидат на Лужники. “црвените ѓаволи“ имаат серија без пораз на гости од 13 мечеви во ЛШ.

logoВолфсбург – Бешикташ
“Волците“ не е во оној победнички ритам како што се очекуваше, но е во голгетерски ритам и тоа е најважно. Сепак после поразот од Јунајтед немаат пораз во Бундеслигата и некако се стабилизираше тимот, особено во добар ритам влезе Џеко кој некако на почетокот не беше во потребната форма. Армин Вех нема проблеми со повредени играчи и ќе игра во најсилниот остав, предводен од триото Мисимовиќ – Џеко -Графите.
Во некоја слична форма и Бешикташ доаѓа во Германија. Откако турскиот шампион имаше очаен старт во домашното првенство, некако се стабилизираше и сега има две победи во серија. Немаат освоено бод во ЛШ и се надеваат дека токму против Волфсбург ќе се радуваат на него. Турскиот репрезентативец Тороман се враќа во составот и тоа е одлична вест Денизли. Турците досега имаат само порази против германските екипи на гости. Бобо и Нихат Кавечи ќе бидат најопсни по голот на Бенаглио.

Бордо – Баерн Минхен
Францускиот шампион влезе во една мала криза во првенството и има два порази едно по друго. Мрра да победат барем во еден од средбите со баерн и Јувентус ако сакаат да бидат блиску до осминафиналето. Лоран Блан нема некои проблеми со повредени фудбалери и ќе игра во скоро најсилен состав. Енрике е единствениот кој нема да настапи поради повреда.
Во составот на Луи Ван Гал ќе ги нема двајцата најважни фудбалери на овој тим, неговите мотори, Арјен Робен и Рибери и двајцата се повредени, истото важи и за Ивица Олиќ. Младиот Мулер е во одлична форма, дечкото е џокер кој секој го посакува, има 6 голови на последните 8 дуела и тоа дури 5 во последните 20 минути. Лука Тони и Ван Бомел се вратија во тимот и тоа може да е добра вест за холандскиот стручњак. Дефинитивно не може да е добра вест лошата форма во која се наоѓа Баерн кој никако да влезе во победничка серија.  

Јувентус – Макаби Хаифа
Јувентус оди на победа после стартните два нерешени исхода. И тој треба рутинирано да си ја заврши задачата против израелскиот шампион. “Старата дама“ нема победа на последните 5 дуела во сите конкуренции. Ферара нема да смета на Маркизио и на Салихамиџиќ кои се повредени. Добрата вест е враќањето на Момо Сисоко и тој би требало место Поулсен да биде во стартните 11. Во нападот ќе бидат Јакинта и Амаури со поддршка Диего. Дел Пјеро се уште не е опоравен од повредата.
Израелците играат одлично во домашното првенство, немаат пораз на 18 средби, но во ЛШ е сосема друга приказната. Сега за сега се заковани на нула. Двата најдобри играчи на Макаби не се во комбинација, напаѓачот Голаса и капитенот Јанив Катан.

Реал Мадрид – Милан
Несомнено натпревар кој сите го очекуваат. Вистинска класика, а на сето тоа и средба на Кака со својот поранешен клуб.
Реал е во добра форма, освен поразот од Севиља, се останато се победи во сите конкуренции. Реал со победа против Росонерите ќе биде со едната нога веќе во наредната рунда. Пелегрини има мали проблеми со составот. Ќе го нема Кристијано Роналдо поради повреда, а поради истата причина нема да настапат и Ферандо Гаго, Ван Нистелрој, Арбелоа, Метцелдер и Гути.
На Милан сезонава по заминувањето на Кака и Анчелоти не му цветаат ружите, тимот после пет натпревари без победа најпосле триумфираше и тоа во дербито со Рома. Голем срам беше поразот на домашен терен од Цирих и сега ќе мора тоа да го надоместат на средбите со Реал. Освен старосната граница на фудбалерите и нивната индолентност на теренот, проблем за Леонардо ќе биде неиграњето на Бориело, како и отсуството на Гатузо. Повредени се и голманите Сторари и Абијати, па Дида ќе биде на голот. Најголемата опасност ќе доаѓа од бразилското дуо Роналдињо и Пато. Рони отсекогаш играл добро на Бернабе, па можно е тој да биде предводникот на Милан во триумфот на овој дуел, го навести со одличниот натпревар одигран против Рома.

Цирих – Марсеј
Швајцарците со победата му покажаа на светот дека знаат да играат фудбал. Сега треба и да го докажат тоа. Дека изданието на Сан Сиро не било само некој среќен ден кога се им оди од рака. Далеку е од тоа дека се во форма во домашното првенство. Уште сега може да се каже дека ги загубија шансите за одбрана на титулата. Имаат лоша серија од порази по ред во домашното првенство. Нивниот најопасен фудбалер Чикауи е повреден и тоа е голем хендикеп за нив. Во тој случај Волонтен е најголемата опасност.
Французите мора преку победа да се вадат за киксот со Милан дома на Велодром. Мораат да победат ако сакаат да ги задржат шансите запласман во осминафинале. Имаат лоши искуства од последните шест гостувања во ЛШ, исто толку порази. Не се во посакуваниот ритам во домашното првенство, но тука се околу врвот. Имаа многу проблеми со повредени играчи. Се враќаат: Брандао, Таиво, Бакари коне, Мбиа и Валбуена. Повреден е само Жером Родригез. 

Порто – АПОЕЛ
Порто иако ги продаде најважните фудбалери на стартот на сезоната, сепак преку своите изданија покажува дека е во одлична форма и дека се работи навистина за талентирана екипа. Халк е играчот околу кого дефинитивно ќе се крене многу врева во наредните трансфер периоди. Бразилецот е едноставно незапирлив. Фереира има проблеми со повредените играчи, ќе ги нема Мигуел Лопес, Силвестре Варела, Фернандо Белуши, Диего Валери и Томаш Коста.
Во составот на АПОЕЛ се враќа полската искусна двојка Косовски и Зевлаков и тие треба да бидат носители на овој состав. Кипраните оставија добар впечаток на првите две средби и тоа е доволен знак дека се работи за искусна и квалитетна екипа која ако се потцени знае да казни. Стартер за АПОЕЛ би требало да биде и нашиот Бобан Грнчаров.

Челзи – Атлетико Мадрид
Ова е дербито на оваа група. Челзи ужива во 100% учинок во групата и со победа тука веќе ќе си обезбеди пласман во осминафинале. Алекс, Балак и Босингва се повредени кај Анчелоти, додека Дрогба уште ја издржува суспензијата од ланското полуфинале со Барса. Челзи одлично стартуваше во првенството за да влезе во мала криза на последниве натпревари.

Атлетико од друга страна го има најслабиот старт во Пример по сезоната 1994/95. Ова е натпревар да се биде или не. Тоа не е само за Ресино туку и за Атлетико. Ако загубат на Стенфорд, ќе ги загубат и шансите за осминафинале, само теорија ќе ги спасува тогаш. Форлан беше одморан во дебаклот на “црвено-белите“ од Осасуна и сега сигурно ќе игра во нападот со Агуеро. Пернија и Камачо се повредени во составот на Абел Ресино.