Skip to main content

21 годишен охриѓанец

Нападнат секретарот на бугарскиот клуб во Охрид

Нападнат 21 годишен охриѓанец кој се здобил со тешки телесни повреди, информираат од СВР Охрид. Нападот се случил синоќа во угостителски објект. Инцидентот се поврзува со лице од Бугарскиот клуб Цар Борис Трети, за што се огласи бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.
 |  инфодеск  | 
Цар Борис

Физички нападнато 21-годишно лице од Охрид, стои во извештајот на СВР Охрид. Нападнатиот се здобил со тешки телесни повреди за што му била укажана лекарска помош во Општа болница Охрид.

Според пријавеното од  Х.П., во угостителски објект лоциран на кеј „Македонија“ во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од тројца охриѓани кои му нанеле тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид. Известен е јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Инцидентот се поврзува со лице од Бугарскиот клуб Цар Борис Трети, за што се огласи бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

По инцидентите со палењето на бугарскиот клуб во Битола, вандализацијата и пукањето на клубот во Охрид, предупредив дека сме на работ да се случат инциденти со фатални последици. Со бруталниот напад синоќа против секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, ова веќе е реалност. Момчето е во болница, во сериозна состојба – напиша Ковачев на својот ФБ профил.

Меѓу другото, Ковачев ги повикува бугарските власти да ги суспендираат сите конкретни активности во врска со продолжувањето на процесот на преговори за членство на Македонија во ЕУ се додека властите во Скопје не направат јасни, смели и конкретни чекори против насилството и заканите против Бугарите и говорот на омраза против Бугарија.