Респираторните заболувања најчести кај младите
Респираторните заболувања го заземаат првото место во загрозување на здравјето на младите охриѓани. Ова го покажуваат последните обработени податоци од охридскиот ЦЈЗ кој го покрива регионот на Охрид, Струга и Дебар за здравствената слика на оваа категорија на населенито. Доенчињата и децата до 6 годишна возраст се најранливата група со респираторни проблеми во регионот со стапка од 890 на 1000 деца, а охриѓанчињата се над оваа стапка, информира Д-р Даниела Чингоска , специјалист по социјална медицина и јавно здравје од охридскиот Центар за јавно здравје.
„На нашето поддрачје, со стапка од 1280 на 1000 деца според што охридскиот регион има највисока стапка на овие заболувања. Најголем процент 32 посто отпаѓа на заболувања на горните дишни патишта, тонзилитис и ларингитис. Слична е состојбата и кај училишната младина од 7 до 24 години каде што преовладуваат респираторни заболувања со ларингитис и тонзилитис“, споделува д-р Чингоска.
Здравјето кај децата и младите и понатаму е загорозено од прекумерната тежина. При здравстените прегледите во домовите за здравје се забележува податокот дека децата страдаат од лоша исхрана. Стапката на лоша исхрана е најголема на подрачјето на Охрид со 901 на 1000 училишни деца и млади, вели д-р Чингоска.
„Тоа значи или се неухранети или во поголем број се преухранети или има појава на дебелина кај децата. Поголем процент се јавува кај средношколците и училишните деца со стапка од 40 посто, а помалку кај основците со 13 посто“, напоменува д-р Чингоска.
Младата популација во Охрид и регионот, покрај, здравствените проблеми со дишните патишта и телесната тежина има проблеми со видот и забите. Видот е на удар кај средношколците , а кај дечињата е загрозено здравјето на забите со појавата на кариес, што укажува на лоши прехранбени навики и хигиена на усната шуплина. Загрижува и појавата на деформитети на рбетот со сколиози и кифози , а како резултат на лошото држење на телото кое е најизразена кај основците и средношколците.