Skip to main content

Водици 2023

Денот на рибарите одбележан на Сараиште

Со традиционалното капење на рибарите на Сараиште се заокружи одбележувањето на Водици во Охрид. Охриѓани велат дека ова е празник за градот и вековна традиција која низ годините се прославуавала многу, со песна и ора и богати трпези, но се сеќаваат и на моменти кога истата била забранувана.
 |  инфодеск  | 
Денот на рибарите

Денот на рибарите, втор ден Водици или Собор на Свети Јован Крстител. На Сараиште денес се одржа традиционалното капење во водите на Охридското езеро. Чинот привлече голем број посетители кои беа послужени со греена ракија. Годинава изостана подготувањето на познатата рибна чорба и пача, но затоа забава со староградска музика подготви Охридскиот музички еснаф. Охриѓани велат дека ова е празник за градот и вековна традиција која низ годините се прославуавала многу, со песна и ора и богати трпези, но се сеќаваат и на моменти кога истата била забранувана.

„За денот на рибарите, водици се фрлаше на 19ти, но заради тоа што беше забрането за во езеро, го фрлаа во црквите во казани во базени и тој ден за да не ги брка полицијата луѓето си одлучиле еден ден покасно да го фрлаат и го назначија за ден на рибарите.“, кажа Ѓоко Трајчески.

„Ова е многу значајно, ова е традиционално не е прв пат сега, еден период како да им забрануваа па го фрлаа крстот насабајле во 3 часот и обично праеа рибина чорба на ширинката.“, вели Наум Секулоски.

Според кажувањата на старите жители на градот, рибарите на овој ден се капеле за да ја покажат нивната приврзаност кон езерото. Велат порано имало многу повеќе риба.

Овој празник се слави со векови, и ќе остане и понатаму традиција меѓутоа со рибократството не може да му се стави крај. Риби ќе има, но барем на мрестот да не се лови, друг пат нека ловат но кога е мрест треба да се остават рибите, затоа што од подмладокот ќе се создаваат многу големи количини.“, смета Марин Ристовски.

Освен прекумерниот лов, опасност за рибниот фонд во езерото е и загадувањето, отпадот, а посебно пластиката.

„Треба да се потрудиме во иднина овие настани да се екофрендли, со тоа сакам да кажам дека материјалите кои се користат како што се рекламните, чашите и останатите работи за еднократна употреба да се од органски и биоматеријали, да не се пластични, затоа што после ваквите настани се собира многу отпад, така што и на таа гледна точка треба многу да внимаваме.“, потенцира Никола Паскали.

Славењето на празникот посветен на Свети Јован Крстител или Денот на рибарите го означувал крајот на мрестот или татиљот, период кога ендемичната охридска пастрмка од длабочината на езерото доаѓа кон брегот за природно да се мрести. Со денешните настани се заокружува одбележувањето на празникот Богојавление Водици во Охрид.