Бавна еколошка правда за струшката депонија
Бавна еколошка правда. Речиси и по 2 години од поднесување на тужбата против Министерството за животна средина, општина Струга и комуналното претпријатие за струшката дива депонија се уште суштински не започнала расправата за главното тужбено барање. Македонското здружение на млади правници побара преземање итни и неодложни мерки за отстранување на депонијата која има штетно влијание на здравјето и животот на луѓето. По жалбите на тужените, битолска апелација решаваше околу 1 година, по што во ноември го врати предметот во Судот во Струга со објаснување дека има нејаснотии во тужбеното барање. На 17 јануари годинава се одржа ново рочиште по што предметот повторно беше пратен на апелација. Правниот застапник на Јавното комунално претпријатие во Струга бара Апелација да ја отфрли тужбата за нив.
„Тужениот Комунално Струга постапува по одлуките на општина Струга и другите надлежни органи. Каде што има локација за депонија, таму е задолжен да постапува. Затоа сметам дека нема легитимитет во оваа постапка да биде тужена. Судот треба да донесе одлука што побргу бидејќи проблемот е на државно ниво и ќе служи како пракса и во други предмети“, рече Артим Ислами, адвокат на ЈП Комунално.
Глигор Ќатоски застапник на тужителот МЗМП смета дека ваквото оддолговлекување на постапката претставува повредување и на други уставни норми и права предвидени во меѓународни регулативи.
„Тоа значи дека практично на тужителите во постапката им се нарушува правото на судење во разумен рок имајќи предвид дека се работи за тужбено барање од итен каракер по кое судот треба да постапува во најбрзо можно време. Така што покрај веќе прекржување на уставното право на здрава животна средина и право на живот утврдено во ЕКЧП дополнително со вакво постапување потенцијално може да се доведе и правото на судење во разумен рок.“, вели Глигор Ќатоски.
Според Македонското здружение на млади правници доколку домашните судови се прогласат за ненадлежни или по било која причина во земјава не се реши предметот, сметаат дека постои цврста пракса и дека тие постапки продолжуваат пред Судот за човекови права во Стразбур.