Skip to main content

Тероризам

13-годишно дете стои зад нападот во Ерусалим

Од израелската служба за итни случаи соопштија дека двајца мажи биле тешко ранети и пренесени во болница. Според пишувањата на локалните медиуми, станува збор за татко и син.
 |  инфодеск  | 
Ерусалим напад

Две лица се ранети денес при пукање во нов напад во источен Ерусалим, соопшти израелската полиција и го оквалификува како терористички чин.

Израелската полиција соопшти дека напаѓачот е неутрализиран и ранет и дека мотивот е тероризам.

Државниот телевизиски канал Кан објави дека напаѓачот бил од областа Силван и дека имал 13 години. Од израелската служба за итни случаи соопштија дека двајца мажи биле тешко ранети и пренесени во болница. Според пишувањата на локалните медиуми, станува збор за татко и син.

Овој напад се случува за помалку од 24 часа откако палестински напаѓач уби седум лица во близина на синагога во источен Ерусалим на Меѓународниот ден на сеќавањето на холокаустот, а израелската полиција приведе 42 лица на сослушување. Приведени се роднините и соседите на загинатиот 21-годишен напаѓач, соопшти полицијата.

Неколкумина повредени откако напаѓач отвори оган врз луѓето кои излегуваа од синагогата во израелската населба Неве Јаков. Полицајците го убија напаѓачот на местото на настанот додека безбедносните сили ја пребаруваа областа.

Јордан и Египет, арапските земји кои потпишаа мировни договори со Израел, го осудија нападот на синагогата, како и Обединетите Арапски Емирати, една од неколкуте арапски држави кои ги нормализираа односите со Израел пред две години.

Либанската шиитска група Хезболах го поздрави нападот на синагогата, а палестинското движење Хамас, кое е на власт во Појасот Газа, го поздрави како одговор на злосторството во Џенин и како природен одговор на криминалните дејствија на окупаторите.