Во пресрет на манифестацијата „Прличеви беседи 2023“ годинава за прв пат НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид распиша Конкурс за избор на најдобра беседа посветена на нашиот патрон, големиот поет и преродбеник Григор Прличев под наслов: „Прличев и ние“.
Од пристигнатите седум беседи на распишаниот Конкурс комисијата оценувајќи ја нивната уметничка, јазична и естетско – етичка содржина одбра три. За најдобра е прогласена беседата „Прличев и ние“ под шифра: „Гроф“, втората награда е за беседата под ист наслов, но под шифра „Ѕвезда“, а третата награда ќе оди во рацете на авторот на беседата под шифра: „Информатичарот“.
Останува добитниците на наградите да го докажат својот идентитет со примерок од испратената творба. Целта на конкурсот беше да го поттикнеме творештвото на младите луѓе да пишуваат креативно и да го збогатат својот говорен израз. Познато е и од неговата „Автобиографија“ дека Прличев најчесто во недела држел беседи пред своите сограѓани – охриѓани на различни теми во црквата „Св. Богородица – Перивлепта“ – велат од Библиотеката.
На Конкурсот можеа да се пријават сите млади од општините Охрид и Дебрца од 15 до 30 годишна возраст, велат од Библиотеката.
Наградите на најдобрите тројца автори ќе им бидат врачени на 6 февруари на манифестацијата „Прличеви беседи“ во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.