Уставен суд ќе ја преиспитува одредбата за исплата на апанажа на јавни функционери кои се разрешени или дале отказ
Уставниот суд ќе ја преиспитува уставноста на одредбата за исплата на апанажа на разрешени јавни функционери, но и на оние кои дале отказ пред завршување на нивниот мандат. Иницијатива за преиспитување и оспорување на уставноста на одредбите од законот за надоместоци и плати на јавните функционери, пред десет месеци ја поднесоа правници од Струга.
Тие бараа целосно укинување на апанажата, како класна привилегија, но Уставен суд одби.
Ова практично значи дека мислењето на Уставниот суд во конкретниот случај беше дека со ваквата одредба, самиот чин што функционерот дал отказ или бил разрешен од функцијата произлегува некоја одговорност од неговото работењетo така да се поставува прашањето на оправданоста на апанажата – вели Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга.
Испалатата на апанажа го нарушува принципот на еднаквост на сите граѓани. Функционери, раководители, директори, министри, пратеници добиваат апанажа по завршувањето на нивниот мандат, што претставува дискриминација по општествен статус.
За обичниот работник не се предвидени вакви надоместоци, додека за функционерите како општествена категорија во едно општество се предвидени вакви надоместоци и тоа од буџетот на државата. Ниту уставот не предвидува посебни права на определена група на луѓе кои што единствено се разликуваат по некои нивни државни функции – додава Ќатоски.
Законот за работни односи предвидува исплата на плата за извршена работа, а именуваните функционери добиваат исплата на плата по завршување на работен однос. Според правниците тоа не е ниту економски, ниту правно оправдано.
Новинар : Соња Рилковска