Црниот биланс од резорниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихетеровата скала што рано утрово ги погоди јужните делови на Турција и северна Сирија се искачи на најмалку 670 загинати лица.
Се стравува дека бројот на жртвите ќе продолжи да се зголемува.
Урнати згради, како што пренесува Гардијан има на потегот од сириските градови Алепо и Хама до турскиот град Дијарбекир, што е растојание повеќе од 330 километри.
Како што изјави Фуат Октај, потпретседател на Турција, речиси 1 710 згради се уништени во турските провинции Газиантеп и Кахраманмарас, додека во урнатини се наоѓа и болницата во медитеранскиот крајбрежен град Искандерун, но бројот на жртви таму останува непознат.
Покрај Пазарџик, земјотресот најмогу ги погоди и провинциите Газиантеп, Санлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатија, Османије, Хатај и Килис.
Сириското Министерство за здравство ја потврди смртта на најмалку 239 лица во областите под контрола на претседателот Башар ал Асад. Бројот на повредени таму достигна 648.
Во областите под контрола на бунтовниците во северните провинции Идлиб и Алепо веќе е потврдена смртта на 147 лица. Волонтерската организација, која дејствува оперира во бунтовничките области, исто така објави над 340 повредени.
Во Турција, според најновите податоци на властите, над 2.000 луѓе се повредени.
Земјотресот бил почувствувал и во соседните Либан и Сирија.
Засега нема информации дали во катастрофалниот земјотрес што утрово ја погоди југоисточна Турција има повредени наши граѓани, но од МНР велат дека веднаш стапиле во контакт со амбасадата на Северна Македонија во Анкара и Генералниот конзулат во Истанбул кои се во постојана комуникација со турските надлежни институции.
Дипломатско-конзуларните претставништва на земјава, велат од МНР, се на 24-часовно располагање за наши државјани за сите евентуални прашања.
Од МНР објавија и телефонски броеви за контат од амбасадата во Анкара, конзулатот во Истанбул и СОС телефонот во Скопје:
- Анкара: +905394569710;
- Истанбул +905456149777;
- СОС телефон на МНР во Скопје: +38975273732.