Охриѓани верни на делото на Прличев
Охрид го чествува делотo на Григор Приличев. По повод 130 годишнината од неговото упокојување беше положено свежо цвеќе пред спомен бистата и се одржа панихида на неговиот гроб во близина на црквата Света Богородица – Перивлепта. Во чест на големиот охридски поет и преродбеник беа доделени наградите од конкурсот за основците од училиштето што го носи неговото име и традиционалните Прличеви беседи во родната куќа на поетот. Наградите од конкурсот ги добија ученичките Фросина Апостолоска од одделенска настава и Елена Филчоска од предметна настава. Наградите им ги врачи охридскиот градоначалник Кирил Пецаков кој истакна дека остануваме верни на традицијата со која оддаваме почит на творештвото на македонскиот преродбеник и поет. Ликот и делото на Прличев остануваат нераскинлива врска меѓу сегашноста и минатото. Претставуваат своевиден пример кој ни дава сила во нашите напори за подобро утро на новите генерации, истакна Пецаков.
„Им честитам и се воодушевувам на младите генерации кои творат и добиваат награди за своите написи посветени на ловороносецот. Се надеваме дека помеѓу овие ученици овде ќе се истакне некој нов уметнички талент кој ќе го негува и продолжи Прличевото дело и ќе ја надополни богата литературна ризници на Охрид“, рече Пецков.
Беседникот Д-р Александра Ѓуркова во рамките на манифестацијата потсети на Прличевите пораки, проникнати од човечкото минато и искуство за иднината. Ѓуркова порача да ги следиме тие пораки и мисли за повеќе да придонесеме за добробит и достоинство на Македонија.
„Има многу да учиме од нив во времиња кога Македонската држава е исправена пред бројни неправди и предизвици. Има ли подобар момент да се сфати пораката за слога и харброст и за општиот закон Чувај се. Само преку слога, разбирање и образование еден народ може да ја покаже својата вредност, достоинство и достојност кон минатите генерации и да даде пример за оние што доаѓаат“, кажа Ѓуркова.
Градоначалникот Кирил Пецков врачи две изданија од Автобиографијaта на Григор Прличев отпечатени во Брајовото писмо на НУБ Григор Прличев и на Здружението на слепи од Охрид.
Во рамките на годинешните Прличеви беседи на централната свеченост посветена на годинешнот лауреат е врачена наградата за најдобра поема што го носи неговото име. На свеченоста посветена на најдобриот поет за 2022 година се читаше наградената поема „Коњски житија“ на лауреатот Зоран Анчески. Отворена е и изложба на ликовни дела од колекцијата на Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“.
Манифестациите по повод јубилејот ќе бидат заокружени со традиционалната свечена приредба на основното училиште во Охрид што го носи името на патронот Григор Прличев.