Одбележан патронатот на ООУ Григор Прличев
Со свечена приредба ООУ „Григор Прличев“ го одбележа патрониот празник.
Беше отворена ликовна изложба и беа доделени наградите на најуспешните на ликовниот и литературен конкурс на темата „За овој свет треба гордо по твојот пат да чекориме“ под која годинава училиштето го чествува својот патрон.


„Во ова турбулентно и неизвесно секојдневие, се трудиме да бидеме достојни на Прличевото име и дело. Тоа не обврзува да ја негуваме традицијата, да ги пренесуваме вредностите, и ни дава поттик гордо да чекориме по неговиот пат“, истакна директорката Лилјана Ефтимовска пред присутните родители и гости во училишната спортска сала.
Нашата визија е вопитување и образование на одговорен, успешен и среќен ученик За остварување на нашата цел го избравме патот на ентузијазмот и волјата за напредок, постојано обновување и изнаоѓање методи и средства за учење, како и дополнителна посветеност на целиот наставен кадар – кажа во своето обраќање Ефтимовска.

Мотивирани и среќни ученици и посветени наставници постигнуваат најдобри резултати за што сведочат континуираните успеси на учениците на општински, регионални и државни натпревари.
Училиштето особено ја цени соработката со родителите за што се заблагодарија за грижата и несебичната поддршка преку специјална награда за Советот на родители за исклучителен придонес во работата и афирмација на училиштето.

Учениците и наставниот кадар подготвија богата поетско музичка програма. Присутните проследија настап на училишниот хор под водство на наставникот Боби Спироски, Рецитал на Сердарот од ученици од 8-мо и 9-то одделение, музички точки на Теона Талевска на флејта и Софија Мирческа со соло изведба на песната „Со маки сум се родила“ под водство на наставничката Силвија Мојсовска. Учениците од подрачното училиште во Рача се претставија со литературно музичка точка, а беа изведени и ритмички кореографии под менторсво на наставничката Нина Ристеска.

Со свечената приредба на училиштето „Григор Прличев“ се заокружи годинешната програма на Општина Охрид по повод одбележувањето на 130 години од смртта на Григор Прличев.
