Струшката болница доби современ апарат за скрининг на рак на дојка
По пауза од 5 години во Општата болница во Струга повторно ќе се прави мамографија на дојка. Струшката болница денеска доби современ апарат за скрининг на рак на дојка. Во просек од 2 до 4 случаи од 1000 скрининг мамографии покажуваат рак на дојка, а во 8 до 10% од случаите потребни се биопсии за дијагноза, истакна директорот на болницата Арменд Арслани.
Мамографот којшто е инсталиран во болницата е современ, со ниска доза на зрачење, со контролирана компресија и висока резолуција на графиката. Со овој апарат ќе обезбедиме здравствени услуги за пациентите од цел Југозападен регион – вели Арслани.
Министерот за здравство Беким Сали упати апел до сите жени од 45 до 63-годишна возраст од регионот да ги искористат бесплатните прегледи во рамки на скриниг програмата на Министерството со цел рано откривање на рак на дојка.
Новитет во скрининг програмата оваа година е тоа што сите случаи кои што можат да бидат позитивни нема да се враќаат кај матичните лекари за понатамошните испитувања туку според организацијата на скринингот автоматски се процесуираат и упатуваат пациентките на другите нивоа на здравствени установи – кажа Сали.
Мамографот вреден 45 000 евра е обезбеден од Министерството за здравство во соработка со Светска банка во рамки на проектот за обезбедување современа опрема за дијагностика за 14 јавни здравствени установи во државава.