Балетската претстава Дон Кихот во среда во НОБ
Во среда на 15 февруари со почеток во 20 часот на големата сцена на Националната опера и балет ќе се изведе балетската претстава во два чина „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина. Диригент на претставата е Иван Еминовиќ. Сценограф е Андреј Злобин, додека под костимографијата се потпишува Гана Ипатиева од Украина.
Во улогите на Китри и Базил ќе настапат Христина Наќевска и Балаж Лочеи (Унгарија). Во улогата на Еспадо ќе настапи Бобан Ковачевски, а во улогата на Улична, Симона Колиштркоска. Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет заедно со деца од балетскиот оддел на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
„Дон Кихот“ е волшебна приказна за ветерници, „совршената“ жена и вистинската љубов. Балетското дело е поставено на музиката на Минкус со експресивно темпо кое резултира со познатото „Дон Кихот Па де де“, кој дава акцент на целата претстава.
Kомпозиторот и виолинист Лудвиг Минкус (1826-1917) напишал неколку популарни балети, а речиси сите од нив, а особено балетот „Дон Кихот“ и денес се изведувани низ целиот свет. „Дон Кихот“ е балет базиран на познатиот истоимен роман од Мигел де Сервантес.
НУ „Опера и балет“ информира дека се вклучува во хуманитарната акција за погодените во земјотресот во Турција и Сирија.
Приходот од продадените билети за балетската претстава „Дон Кихот“ што ќе се одржи во среда (15.02.2023) ќе бидат донирани како помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.