Skip to main content

Струга започна со хуман третман на бездомните кучиња

Струга конечно започна со хуман третман на бездомните кучиња. За оваа намена издвоени се 600 000 денари, а досега се третирани десетина улични кучиња. Според слободните проценки во струшко има стотици улични кучиња, а овој зафат нема да донесе решение на проблемот. Од општината велат за решавање на проблемот потребни се измени во законот, грижата за уличните кучиња да ја преземе Агенцијата за храна и ветеринарство.
 |  инфодеск  | 
Куче скитник

Во Струга конечно започна акција за заловување и третман на бездомните кучиња во градот. Зафатот го реализираат овластени лица од ветеринарна клиника од Куманово.

Досега се третирани десетина кучиња, а за оваа намена издвоени се 600 000 денари. Кога ќе се потрошат парите, доколку има потреба ќе бидат издвоени дополнителни средства за продолжување на акцијата.

Заловени се одреден број на кучиња, имаме и фотографии од нивниот третман, маркирани се со обетка и микрочип и очекуваме по нивно опоравување да се вратат назад на истата локација – вели Митко Коркутоски, раководител на комунален инспекторат Струга.

Куче скитник

Според слободните проценки во струшко има стотици улични кучиња, а овој зафат нема да донесе решение на проблемот. Потребни се измени во законот и изградба на соодветен стационар.

Се да се префрли на Агенцијата за храна и ветеринарство и преку надлежните инспекциски служби да се врши поголема контрола и на размножувањето на кучињата, чипирањето и едноставно државата да ја има главната улога во таа постапка – додава Коркутоски.

Општината побара од полицијата засилени контроли на влезните точки во градот да се проверуваат возилата за кои постои сомнение дека носат бездомни кучиња од другите градови.

Новинар : Соња Рилковска