Лажни се дојавите за бомби на скопскиот аеродром и училиштата
Лажни се дојавите за поставени бомби што денеска стигнаа на електронските адреси на вкупно десет скопски и четири прилепски училишта, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР) по направените антитерористички проверки во училиштата.
Од МВР додаваат дека е лажна и заканувачката порака за поставена експлозивна направа која претпладнево стигнала и на мејлот на скопскиот аеродром.
Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави – се вели во соопштението на МВР.
Дојави за поставени бомби во училишта имаше и минатата недела. Освен во Скопје, дојави за поставени експлозивни направи добиваа и училишта во Куманово и Прилеп. Покрај официјалните електронски адреси на училиштата, заканите се упатуваа и на приватни мејлови на професори.
Досега, како што информираше МВР, сите дојави за бомби кои беа испратени минатата недела, беа лажни.