Да се постават рампи за возила на патот Отешево-Охрид
Националниот парк „Галичица“ и Планинската спасителна служба од Охрид бара од ЈП „Државни патишта“ согласност за поставување физички препреки/бариери за возила на патот Отешево-Охрид.
Моментално на патниот правец преку Галичица сообраќајот се одвива до месноста Корита, каде што се поставени знаци за забрана од понатамошно движење на возила. Потребата од физичка препрека на патот за чие поставување трошоците ќе ги сносат Националниот парк и Планинската спасителна служба, доаѓа по низата интервенции на извлекување заглавени возила. Ренџерската служба при паркот, Планинската спасителна служба и Територијалната противпожарна единица во неколку наврати евакуиараа луѓе од снежните наноси на патот над месноста Корита и покрај бројните предупредувања и апели за избегнување на негова употреба.
Јавната Установа се одлучи заедно со Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид да подготви и писмено барање и да го доставиме до ЈП Државни патишта, да ни дадат согласност на патниот правец преку Галичица над локалитетот Корита да поставиме физичка бариера односно рампи кои нема да дозволат несовесни граѓани да продолжат да одат над локалитетот Корита преку Галичица – истакна Андон Бојаџи од ЈУНП „Галичица“.
Антонио Додески од Планинската спасителна служба, вели дека тие како волонтерска хуманитарна организација, која е фокусирана на спасување на комплексен, високоризичен планински терен, не треба да се ставаат во ситуација да ризикуваат и да трошат ресурси за извлекување заглавени возила заради несовесноста на граѓаните, кои во такви ситуации треба да повикаат шлеп служби.
Апелираме до граѓаните да не ја бараат вината во нас, ние сме тука да им помогнеме во секоја ситуација, меѓутоа од друга страна да не ги злоупотребуваме овие ресурси кои првенствено се наменети за луѓе коишто се во неволја, кои имаат повреди и потреба од спасување кое останатите служби не можат да го направат. Ова со што ние се занимаваме во последниве три – четири недели е изигрување на шлеп служба – кажа Додески.
Патот преку Галичица, согласно годишната програма за одржување на патишта е категоризиран во трета категорија, кој во зимскиот период не се одржува. Изминатиов период Ренџерската служба на НП Галичица, ПСС и ТППЕ Охрид имале околу 30-тина интервенции на извлекување граѓани со заглавени возила на патниот правец кој вообичаено е затворен за сите видови возила во периодот меѓу месеците Ноември и март.