Изгласани 8 унапредувања и 14 вработувања во Општина Охрид
Мнозинството во Советот на Општина Охрид на денешната 24 седница даде согласност за Измените на Планот за вработување во општината за 2023 година. Измените предвидуваат 8 унапредувања и 14 нови вработувања.
Вработувањата во општината како секогаш и на денешната седница беа причина за жестока дискусија и политички препукувања од советничката говорница. Во основниот план кој беше донесен во август минатата година беа предвидени само 5 нови вработувања; нема сразмерност меѓу планираните 4 пензионирања и новите вработувања; економската криза беше главен фактор за зголемување на цените на услугите од јавните претпријатија, но нема влијание за нови вработувања; општината ќе вработува, а ЈП едвај исплаќаат плата и пуштаат вработени на принуден одмор, беа забелешките на опозицијата.
„Унапредувањата ги поддржуваме, но ваков мегаломански план за вработување во услови на економска криза и превработеност во локалната администрација, не очекував“, кажа координаторката на советничката група на СДСМ, Живка Ангелоска.
Состојбата во која се наоѓаме спречува нови вработувања, освен доколку е потребно стручно лице онаму каде е нарушено нормалното функционирање и работење. Дали општината не може да функционира без самостоен референт за водење евиденција од областа на спортот, референт администратор, помлад соработник за утврдување на наплата на такси и други надоместоци, раководител на одделение за протокол, помошен раководител на сектор за комунални дејности, сообраќај и улици. Во однос на урбанизам и управување сметам дека треба да има саглам луѓе, но не можевте да функционирате без овој референт за водење спортска евиденција – кажа Ангелоска.
Според секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, од август кога беше донесен планот до крајот на 2022 година има намалување на бројот на вработени во општината од 266 на 251 лице. „За прв пат имаме 8 унапредувања на вработени во општинската администрација. Во општината има луѓе кои работат и по 15-20 години и не мрднале од позиција помлади соработници“, посочи Китески. Додаде дека за дел од новите работни места, на јавните огласи можат да конкурираат луѓе кои веќе работат во општината, а кои не можат да добијат унапредување бидејќи нема такви работни позиции во постоечката систематизација донесена уште во 2015-та година.
Во план сум да донесам нова систематизација на работни места во Општина Охрид. Работевме на тоа, имаше тимови и беше направена функционална анализа и беше изготвен нов предлог за систематизација, но не добивме согласност од Министерството за информатичко општество, затоа што години наназад никој не скратил работни места во Општина Охрид туку само додавал нови. Се додавале нови работни места од типот референти, соработници каде не е потребно работно искуство, колку да се вдомат во општината. Откако ќе се реализира планот за вработување за 2023-та сите места кои ќе се испразнат ќе бидат укинати, односно во новата систематизација нама да има повеќе од 10% слободни места од вкупниот број работни места – кажа Китески.
Од говорницата, на моменти острата дискусија имаше политички препукувања за тоа кој вдомувал во општината партиски кадри, кој е виновен за превработеноста во администрацијата. Беа изнесени наводи дека за време на преtходната локаlна власт, лица вработени со договор на дело земале плата и по 40 000, поголема од раководители на сектори, возеле службени возила, немале ни работно време. Доаѓале и си заминувале од работа кога сакале и дека за такви злоупотреби на службена положба надлежните институции треба да постапуваат.
Од опозицијата побараа за се за коешто постои сомнеж дека било незаконски и имало злоупотреби да бидат поднесени соодветни пријави и да се сноси одговорност. Побараа и писмена информација за тоа колку биле вработени по сите основи за време на минатата и актуелната локална власт.