Потпишана Меѓународна спогодба за спасување во воздухопловство
Во Охрид денес беше потпишана Меѓународна спогодба за соработка во рамки на регионалниот советодавен комитет за трагање и спасување во цивилното воздухопловство( RASARAC ). Цивилните воздухопловни власти на Северна Македонија, Словенија, Србија и Црна Гора се согласија на соработка, размена на искуства и развој на капацитети во областа за трагање и спасување со цел интервенции при вонредни околности. Со потпишување на спогодбата, се утврдува рамка за унапредување на прекуграничната соработка на државите членки на комитетот, чие претседавање годинава го презема Македонската Агенција за Цивилно Воздухопловство. Директорот на агенцијата, Томислав Тунтев вели дека оваа меѓународна соработка ќе значи хармонизација на активностите со цел помагање на луѓе и оштетени материјални добра во вонредни околности.
„Замислете сите служби кои се инволвирани на овој или оној начин во спасување, трагање, давање помош на унесреќени лица и материјални добра, да бидат искоординирани на ниво на континент. На пример, ако нешто се случи на ниво на територија на Македонија да бидат искористени капацитетите, не само од соседните држави туку и од државите во регионот кои се потписници на оваа спогодба.“,- Томислав Тунтев.
Со потпишувањето на спогодбата за регионална соработка при трагање и спасување се крунисува заедничката работата на државите потписнички, започната уште од 2015 година, вели Директорката на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Србија, Мирјана Чизмаров и нагласува дека ова е прв/единствен меморандум од овој тип потпишан на ниво на Европа.
„Особено сум горда затоа што овој меморандум претставува пример за целиот свет и влегува во аналите при Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, како акт кој би требало да го поседуваат сите земји на светов. Важноста на Регионалната соработка е преголема, затоа што ги допира прашањата што не се доволно регулирани на глобално ниво.“,- Мирјана Чизмаров.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека регионалната соработка е од исклучително значење за поставување на високопрофесионални стандарди во цивилното воздухопловство. Имајќи предвид дека е потребен оранизиран систем за потрага и спасување на воздухоплови и лица во опасност како операции од висок ризик, денешниов собир е само потврда дека ние земјите од регионот работиме на усогласување на домашните легислативи во обезбедување на потребните ресурси за овој тип на операции, истакна Бочварски.