Во март ќе биде објавен нов повик за субвенционирани летови
На почетокот на март, ќе биде распишан новиот јавен повик за субвенционирање нови авиолинии од Меѓународниот аеродром во Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, откако претходниот беше поништен. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска во Охрид кажа дека во моментов течат роковите за жалба, по што ќе следи новата постапка за избор на авиокомпании кои ќе добиваат субвенции од државата за отворање нови линии од двата аеродрома.
Очекувам кон почетокот на март да го распишеме новиот повик. Комисијата која работи на подготвување на оваа постапка за јавен повик ќе работи активно во тоа да помогне на сите заинтересирани компании да достават комплетна и целосна документација со цел овој повик да биде успешен. Јас сум убеден дека ова е добра политика којашто ќе даде добри резултати за авиосообраќајот и отворање на нови дестинации за граѓаните – кажа Бочварски.
Условите и во новиот повик ќе бидат исти како во претходната постапка, но овој пат ќе било разјаснето се она што било нејасно или предизвикало можна одредена дилема кај понудувачите. Согласно Уредбата, повикот е во вредност од 5 милиони евра, распределени во три години, почнувајќи од 2023-та година.
И овој пат нема да се држиме за избор на една компанија, туку секако нашиот интерес е да влезат повеќе компании во авиосообраќајот – рече Бочварски.
Финансиската поддршка од страна на државата за авиокомпаниите е седум евра по патник превезен од Меѓународниот аеродром Скопје и 4,5 евра по патник во заминување превезен од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Тоа се износи усогласени со Европската комисија и согласно европските регулативи, посочи министерот Бочварски.
На поништениот повик за субвенционирање летови од двата аеродроми во земјата понуди доставија авиокомпаниите „Луфтханза“, „Виз ер“ и „Ејгеан ерлајнс“, но ниту една од документациите не била целосна. Последниот договор за субвенционирани летови, со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер”, заврши во март минатата година.