(ОБНОВЕНО) Одложено судското рочиште за Пендиков
Рочиштето за претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид се одложи на барање на адвокатите на обвинетиот. Тие побараа да им бидат доставени сите докази со кои располага Обвинителството по што обвинетиот ќе може да се произнесе за вина. Со ова се согласи судијата Бојан Мартиноски и го закажа следното рочиште за 5 април.
Обвинетиот за напад врз Пендиков, Илија Спасески според обвинителството, се товари за дело извршено од омраза поради национална и етничката припадност. Не е точно дека Спасески го нападнал Пендиков по национална основа, тоа е исполитизирана работа, изјави адвокатот Димитрија Цобоски, бранител на обвинетиот.
Како може да биде напад од омраза кога неговиот татко спасуваше бугарски државјани во големата бродска несреќа, кога тој малиот прв беше кога кажа дека тоне бродот и кој е воспитан во еден дух секого да сака, а најмалку да мрази, па било кого. Сега размислете дали може да биде омраза или на ова се дава еден политички призвук којшто се исполитизира до страшни граници што може да штети на целата постапка – истакна Цобоски.
На прашање за мотивот за тепачката тој рече дека мотивите за кои се товари неговиот клиент треба да ги докаже обвинителот.
Во судот не пристигна Пендиков. Според Цобоски, за одбраната не е неопходно неговото присуство на судењето иако, според него, и покрај повредата Пендиков можел да допатува на рочиштето.
Адвокатот на оштетениот Пендиков, Стефан Камишевски посочи дека не знаат кога тој ќе дојде од Бугарија. Кажа дека отсуството е поради медицински причини. На прашањето зошто не се појавил на суд поради потешкотии со говорот, а во Бугарија даде неколкучасовно интервју, адвокатот со одговор:
Не сум го гледал тоа интервју да бидам искрен – рече Камишевски.
Судот побара адреса за да испратат покана за Пендиков да присуствува како сведок на следните рочишта.
Ќе се појави штом заврши со лекувањето. Кога ќе ја дознаме адресата ќе ја доставиме до судот – вели Камишевски.
Адвокатот на Пендиков најави дека како оштетена страна ќе имаат оштетно парично побарување во текот на постапката.
Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари во кафе бар во Охрид. Пендиков, веднаш по инцидентот, со авион беше транспортиран на лекување во Бугарија каде се уште се наоѓа и каде од бугарските власти доби државјанство, стан и обезбедување.