Skip to main content

SLow wine fair 2023 – Болоња

Италијаните одушевени од Охридско црно

Она што ги воодушевува странците не го следат домашните угостители кои на мени ги немаат локалните сорти вина. Во споредба со светот имаме врвен квалитет на вино , но заостануваме во промоцијата и винската култура, напоменуваат проиводителите од малите семејни винарии по учеството на меѓународниот вински саем што се одржа во Италија.
 |  Валентина Неловска  | 
вино

Автохтоната винска сорта Охридско црно ги воодушеви Италијаните. Виното е производство на винаријата Мал Св.Климент од Охрид која беше дел од винскиот саем SLow wine fair 2023 во Болоња, Италија. Будимир Соколовиќ, сопственик на винаријата и дестилерија, споделува искуства од учеството на меѓународниот саем. Манифестацијата беше посетена од љубители на добро вино, сомелиери и увозници на вино, а изложени беа 750 винарии од целиот свет, информира Соколовиќ. Меѓу нив имаше и 12 Македонски производители, со 40 етикети вино, од мали, семејни винарии со производство до 2000 литри. На Италијаните посебно им се допаднаа сортите Охридско црно и Памид кои се чуваат во 500 литарски амфори, вкопани во земја, според најстариот метод на чување на виното, споделува Соколовиќ. Од искуството на саемот посочува каде се наоѓа по квалитетот виното од нашата земја во споредба со светските производители.

Може да кажам дека имаме врвен квалитет. Она што ни недостасува е во делот на промоцијата, информирањето на луѓето и подигањето на винската култура на населението. Изненаден сум од високата винска култура на посетителите на саемот. Имаше и возрасни, но и млади луѓе, помеѓу 20 -30 години, кои го познаваат виното. Знаат да уживаат во виното, дискутираат за квалитетот и не бараат количински да се опијат туку да пробаат што повеќе различни сорти вино“, раскажува Соколовиќ.

Врз нашите квалитетни сорти вина сенка фрлаат неколку недостатоци од практики кои се применуваат во светот. Недостатоци има во понудата за сместување или сала за дегустација во винариите. Исто така, кај нас нема и понуда на локални вина во угостителските објекти, вели Соколовиќ. Во охридскиот регион има регистрирани 5 мали семејни винарии и 2 дестилерии. Во моментов во пораст е интересот за отварање на мали семејни винарии по законската либерализација од минатата година.

За жал кај нас понудата во рестораните е ограничена на неколку вина од една голема винарија и на голем производител на пиво. Во ниеден домашен ресторан не може да се најде локално вино. Ако Италијаните препознаваат квалитет во нашето вино, тоа е потврда дека вината се добри. Странците при посетите на нашите винарии се воодушевени од квалитетот на вината“, напоменува Соколовиќ.

Учеството на дванесетте Македонски производители на вино на винскиот саем во Болоња, наречен SLow wine, го овозможија организацијата на Slow food Македонија со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.