Продолжува ревитализацијата на колекторот
За санацијата на Колекторскиот систем, од буџетот на МЖСПП, а согласно Програмата за колекторски ситем Охрид и Струга за 2023 година, се обезбедени средства во вкупна вредност од 40,4 милиони денари. Најголем дел од средствата ќе се искористат за конечно решавање на проблемот со наталожен отпад и излевањето на водите кај реката Грашница.Поточно делот од стариот пат за Струга, се до препумпната станица Даљан, во должина од еден и пол километар. Со овие пари треба да се реши и проблемот со влевање на чиста вода од реката Дрим во колекторскиот систем, објаснува Владимир Алексијоски – в.д. директор на Државното Јавно Претпријатие Колекторски Систем.
„Втора позиција која што сакаме да ја сработиме со овие средства е чистење и вовлекување цевка во цевка на делот под реката Црн дрим. Нашиот цевковод доаѓа од западниот дел на колекторот, поминува под реката Црн Дрим.Со снимањата направени пред неколку години увидено е дека има нарушување на тој цевковод, односно дека чиста вода влегува во препумпната станица „Струга 3“. Ќе се вовлече цевка во цевка на овој потек во должина од 80 метри.“ – кажа Владимир Алексијоски – в.д. директор на Јавното Претпријатие Колекторски Систем.
Третиот зафат за кој се планирани средставата е продолжување на чистењето на делот од колекторскиот систем пред препумпната станица кај Подмолје. Со користење на методот цевка во цевка и на овој потег ќе се санира оштетениот цевковод и истиот ќе се заштити од големото количевство подземни води кои дополнително го оптеретуваат, посочува Алексијоски. Тој вчера со Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, го потпишаа договорт за доделување на потребните средства за спроведување на планираните зафати.
Но, претпријатието не се потпира само на државните пари. Директорот вели дека се обезбедени и грантови средства во висина од неповратни 920 000 евра преку Шпанското министерство за економија и туризам, заедно со шпанска консултантско проектантска фирма ИДОМ. Оваа фирма треба да изработи проекти за во целост да се затвори колекторскиот круг од македонската страна на Охридското Езеро.
„Шпанската фирма ИДОМ ќе изработи проекти за секундарна канализација и станица за пречистување во селото Љубаништа. Бидејќи Локалната самоуправа веќе има изработено проектза делот кај трпејца, се договоривме да ние изработиме проект за Елшани да биде врзан во постоечкиот колекторски цевковод. Да се реши Радожда со засебна причистителна станица“ – посочи Владимир Алексијоски – в.д. директор на Јавното Претпријатие Колекторски Систем.
Алексијоски вели дека не се отстапува од идејата за изградба на засебна пречистителна станица кај Подмолје само за охридскиот дел, која треба да биде лоцирана веднаш до препумпната станица, а пречистената техничка вода која би се добивала од оваа станица да биде искроистена за наводнување на земјоделските површини. Со досега реализираните и планираните зафати за санација и чистење значително се растеретува работата на системот пумпи на колекторот со што пак се зголемува неговата ефикасност.