Охриѓанки се чувствуваат рамноправни
Раздвиженост на плоштадот „Крушевска република“ и низ охридската чаршија. Се купуваат подароци за најблиските од понежениот пол за да се честита Денот на жената.
Охриѓанки пред камерата на ТВМ велат дека најчесто добиваат накит, парфем и традиционалното цвеќе, но додаваат дека поважен им е гестот и вниманието.
Од мажот ми најмногу, цвеќето најубав поклон ми е. Секој подарок е добар кога ќе го даде со убав збор – вели една охриѓанка.
Најубавиот поклон е од децата кога ќе ти поклонат нешто, било што – рече друга охриѓанка.
Од најмилите, цвеќе. Цвеќе за 8 март – вели наша сограѓанка за ТВМ.
Мојот маж ме прави среќна секогаш, во текот на целата година. Среќна ме прави да бидам со моето семејство, со моето бебе. Среќна сум – кажа една охриѓанка.
Овој ден го очекуваат и продавниците за подароци, цвеќарите, како и продавачите на цвеќе на плоштадот. Но според продавачите, го нема оној интерес од претходните години. Тој што сака да подарува цвеќе, не го прави тоа само на 8-ми Март. А на празникот купуваат подеднакво и мажите и жените, за колешките и пријателките, забележуваат цвеќарите.
Послабо е од порано, послабо.
Не би кажала дека е подобро, но не е ниту полошо, тука некаде е. Тие што купувале секогаш повторно купуваат.
Ова ми е професија и мислам дека ги гледам истите луѓе. Тие што сакаат цвеќе не е важно дали е празник, кога било купуваат.
Повеќе мажите купуваат цвеќе.
За празникот се рамноправни во купувањето. Исто купуваат и мажите и жените.
Жените си подаруваат на другарки, пријателки, роднини. Мажите никого не забораваат, ни пријателки, ни роднини, ни домаќинки нормално. За овој празник се исти муштерии и мажите и жените – велат цвеќарите.
И на крајот од денот, кога ќе се поделат подароците и ќе заврши друежењето со колешките во ресторан или бар, се поставува прашањето, „Колку нашите сограѓанки се задоволни од својот статус во општеството?“.
Се чувствувам рамноправно – кажа една охриѓанка.
Сите сме рамноправни, нормално денеска е најубав ден за сите. Нема збор, сите сме рамноправни и треба да бидеме сложни – вели друга охриѓанка.
Се уште се бориме, не сме докрај рамноправни. Постои некоја мала нијанса каде мажите уште така не гледаат од високо – вели наша сограѓанка.
Во некои области сме рамноправни, но најчесто не. Мажите се еден чекор пред нас, се уште – е мислењето на друга наша сограѓанка.
Охриѓанки денеска добија поклони и од активисти на Црвен Крст. Дваесетина волонтери вчера цел ден рачно изработувале честитки со кои денеска ги израдуваа граѓанките на малиот плоштад и низ охридската чаршија.