Skip to main content

Родова еднаквост

Слабо оди родово одговорното буџетирање

Недостаток од анализа на локалните потреби и показатели за реализација и ефектите од активностите, го засенуваат родовиот концепт при креирање јавни политики и одговорно буџетирање во Охрид. Покрај добра анализа на потребите, неопходна е волја кај креаторите на политики за соработка со граѓанскиот сектор во носење на одлуки какои имплементација во еден транспарентен и инклузивен процес, кој УНДП во анализа на сотојбата на општините во Македонија за 2022 година, нотира дека се уште е во зародиш.
 |  инфодеск  | 
Жени буџетирање

Пинк такси линија со жени професионални шоферки после 22 часот, резервирани паркинг места за жени во катна гаража и афирмативни мерки за вработување  контролорки на паркинг се дел од активностите предвидени со акцискиот план во стратегијата за родова рамноправност во Охрид, со рок за имплементација до крајот на 2024та година. Недостаток од анализа на локалните потреби и показатели за реализација и ефектите од предвидените активности, го засенуваат родовиот концепт при креирање јавни политики и одговорно буџетирање во Охрид.  Од мерките најлесни за реализација, по се изгледа, и понатаму се трибини, обуки и дебати за концептот на родова рамноправност. Весна Цветаноска, граѓанска активистка, во однос на посочената стратегија, вели дека хартијата трпи се, но дека реализацијата на терен оди многу слабо.

“За жал имплементацијата, според сознанијата коишто ги имаме оди многу слабо, резултатите се лошо видливи, на многу ниско ниво и за сега не е доволно препозната и  промовирана согласно законските одредби, онака како што треба за да добие на масовност меѓу граѓаните, за сите ние да бидеме подетално запознаени со нејзината содржина” – изјави Весна Цветаноска, граѓански активист.

Весна Цветаноска

Акцискиот план во рамки на стратегијата за родова еднаквост изработена во 2019 година, предвидува континуирана директна поддршка за женски спортски клубови во Охрид, како и активна организација на обуки за преквалификација и докваликација, што според Секторот за Туризам и локален економски развој (ТЛЕР), изминатите три години и покрај пандемијата мерката ја искористиле 62 жени. Но, освен мерките предвидени во стратегијата, родовиот концепт треба да биде застапен во сите секторски програми.

Односно креирање на еден родово сензитивен буџет во којшто ќе се примени една родова перспектива од буџетскиот процес, односно од креирањето на буџетот па се до неговото извршување.

Во однос на буџетот на Општина Охрид за 2023 како и за претходните буџети, точно е дека во одделни секторски програми содржани се мерки и активности коишто ги имаат предвид интересите и потребите на жените, меѓутоа ние немаме индикатори и точни показатели со кои можеме да покажеме дека нашиот буџет е родово сензитивен” – изјави Живка Ангелоска, членка на Комисија за еднаквост при Општина Охрид.

Живка Ангелоска

За конципирање и реализација на  родови политики неопходна е добра анализа на потребите и соработка на сите чинители во заедницата, посочува Даниела Антоновска, експертка од област на родова еднаквост.

„Што ни е потребно на локално ниво, кои се приоритетите на различни групи на мажи и жени . И тоа треба да гоимаме предвид дека и мажите и жените се едн ахетерегона група, имате млади, постари, со различен степен на образование, со различно етничко потекло, различни приоритети, и тука е многу важно кога се креираат политиките и програмите да бидат вклучени сите засегнати чинители. Не можете да креирате национална и локална политика и програма и да донесете мерки ако н ги консултирате невладините организации, самите граѓани, локалната власт и медиумите” – изјави м-р Даниела Антоновска, Експертка од областа на родовата еднаквост.

Даниела Антоновска

Најважно од се е да постои волја  кај креаторите на политики и кај граѓанскиот сектор за соработка и носење на одлуки во еден транспарентен и инклузивен процес.

“Години наназад постои малфункција, лошо функционирање помеѓу граѓанскиот сектор и  Локалната самоуправа независно од која политичка провениенција доаѓаат челниците и на тоа апсолутно треба да работиме за да сфатиме дека Општина без граѓански сектор не може да функционира и тоа треба да биде двонасочна комуникација. Еве еден апел заедно да седнеме со засегнатите страни, навистина добро да сработиме анализа и да направиме еден добро издржан документ” – вели Весна Цветаноска.

„Најмногу се потребни нашите заложби како советниците и советничките во Општна Охрид. Токму јас ќе дадам иницијатива во 2024та година да имаме претходно јавни анкети, да ги утврдиме приоритетите и да побараме од Локалната самоуправа, тие приоритети да земат место во секторските програми и во буџетот, а искрено се надевам дека ќе бидам поддржана и од страна на моите колешки во советот” – вели Живка Ангелоска.

Родово одговорното буџетирање е исклучително важно, но на локално ниво спроведувањето се уште е во зародиш, нотира УНДП во анализата на состојбата на општините во Македонија во 2022 година. Во локалната самоуправа Охрид сепак нема расположение да се говори за оваа тема во интерес на јавноста. Освен секторот за ТЛЕР, другите одделенија и тела не одговорија на ниту едно од поставените прашања од редакцијата на ТВМ.