Во април стартува изградбата на коридорите 8 и 10 Д
Конзорциумот „Бехтел и Енка” денеска во Владата, потпиша договор со Јавното претпријатие за државни патишта за изградба на четири автопатски делници во должина од 110 километри на коридорите 8 и 10 Д, во наредните 5 години.
Изградбата ќе чини 1,3 милијарди евра. Надзорот ќе го врши ИРД инжинеринг, кој како консултант за финансиски трансакции во име на Владата изминатиот месец ги водеше преговорите со американско турскиот конзорциум.
Проектот Коридор 8 ќе се протега на должина од 68 километри со автопат со 6 ленти, кој ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Требеништа-Струга-Ќафасан, додека Коридорот 10 Д, автопат со 6 ленти во должина од 40 километри, кој ќе го поврзе Прилеп со Битола. Рокот на изградба е до 2027 година.
Реализацијата на оваа најголема капитална инвестиција во историјата на нашата земја ќе придонесе за економијата, за модернизација на патната инфраструктура, а во иднина ќе овозможи дополнителен развој на услугите, подобри услови за развој на бизнисот, поквалитетен живот и поврзување со соседите и меѓународните коридори, соопштија од Владата.