(ОБНОВЕНО) Владата ги замрзна цените на тестенините и млечните производи
Од 16 март цените на млекото и млечните производи ќе се намалат за 10 отсто, а на тестенините за 15, соопштија денеска премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши. Одлуката е донесена на денешната владина седница, а цените на овие производи ќе бидат замрзнати до 31 мај 2023 година.
За 10 односно 15 отсто треба да се намалат цените по кои овие производи се продавале на 1 март. Се замрзнуваат цените на млечните производи и тоа трајното кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, урда, кравјото бело сирење и мешаното бело сирење, кравји кашкавал со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан, киселото млеко, павлаката и јогуртот без додатоци. Од тестенините за 8 до 9 денари ќе се намалат цените на шпагетите и макароните.
Се замрзнува односно намалува цената на тестенините кое намалување се предлага да биде за 15 проценти на цената која се применува во трговијата на мало на 1 март 2023 односно во просек за околу 8 до 9 денари. Се работи за тестенини односно макарони и шпагети. Исто така, се укинуваат и царинските давачки за увоз на овие производи за период од 13 март 2023 до 31 мај 2023 – рече Ковачевски.
Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека доколку производителите не ги намалат цените на основните прехрамбени производи, листата на производи чии цени владата ќе ги замрзне ќе се прошири. Анализите на Секторот за трговија и на стопанските комори покажале дека повеќето компании ја користат максималната маржа и на некој начин се здружени за да не ги намалат своите профити, кажа Бектеши.
Согласно сите анализи на Секторот за трговија и коморите, се утврдува дека повеќето компании ја користат максималната маржа и на некој начин се здружени за да не ги намалат своите профити. Затоа одлучивме да одиме со замрзнување на цените. Остануваат уште шеќерот, јацата и оризот за кои наредната недела ќе се направат анализи и чии цени најверојатно ќе се замрзнат ако производителите не ги намалат – објасни Бектеши.
Ова е второ замрзнување на цените годинава. Претходно, владата на 28 февруари ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб со тежина од 450 грама на максимални 33 денари и ја укина субвенцијата за струја на производителите од прехрамбената индустрија затоа што не го испочитуваа договорот со владата за намалување на цените.