Пензиите за март, кои на пензионерите ќе им бидат исплатени на крајот од месецов, ќе се зголемат за 8,4 отсто, со што просечната пензија би достигнала 19 150 денари, соопштија денеска од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
Усогласувањето на мартовската пензија е согласно владината одлука од минатата година, според која, пензиите ќе се усогласуваат двапати годишно – во март и во септември секоја година.
Од МТСП велат дека во пресметката на процентот на усогласување на пензиите се зема предвид индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на раст на просечно исплатената плата на сите вработени во земјата, исто така, од претходното полугодие.
Усогласувањето на мартовската пензија согласно методологијата ќе се зголеми за 8,4 отсто (пораст на плати 6,1 проценти и пораст на трошоци за живот 10,6 отсто), со што просечната пензија од 17 666 ќе се зголеми на 19 150 денари – додаваат од Министерството.
Оттаму потсетуваат дека согласно усогласувањето на пензиите во септември лани, просечната пензија од 16 348 денари се зголемила на 17 666 денари.