Висока реализација на буџетот за 2022 година, но и понатаму без капиталните проекти
Кога се носеше овој буџет локалната власт најави дека ќе се стреми истиот да се реализира со високи над 93%, но на крај и понатаму има 0% реализација кај капитални инвестиции како плоштад Крушевска Република, улица „Гоце Делчев“, паркот кај споменикот Ден Долард, велосипедска патека Охрид-Св Стефан и Катна гаража, бидејќи со ребаланси се менуваше структурата на буџетот и се отстрануваа одредени проекти, кажа координаторката на советничката група на СДСМ, Живка Ангелоска. Во програмата за туризам како најглавни проекти се категоризација на станоиздавачи од мал обем и поставување хот спот интернет како водечка активност, но од адреналинскиот парк и памп траката и понатаму нема ништо, а образложенијата се исти цела година, посочи Ангелоска.
Додаде дека во програмата за животна средина единствена поголема активност е субвенционирање за инвертер клими, програмата за ТППЕ кажа дека ја поддржува секогаш, но кога се носеше буџетот помпезно се најавуваше вложување на 9 мил денари за модернизирање, но на крај на годината се реализираа 5 мил. денари помалку. Изрази задоволство од програмите за подобрување на условите во образванието и за ЛЕР.
Ќе ја поддржам програмата за Локален економски развој. За прв пат после долги години навистина гледам проекти кои вреди да видат спомнати. Даваме поддршка за проектот за вежбалиште за голф, со средства од министерство за локална самоуправа во износ од 5 мил. денари. Го поддржуваме и грантот на јапонската амбасада за специјално возило за потребите на Нискоградба, исто така изработката на проектно техничката документација за патот Лескоец-Гордо-Долно Лакочереј во кој со 50% од средствата учествува Бирото за регионален развој, исто учествуваат и во проектот на општината за реконструкција на ул. Марко Цепенков и оние 5 специјални возила кои ќе бидат обезбедени преку центарот за развој на југозападниот плански регион – кажа Ангелоска.
Остварувањето на основниот буџет во 2022 год е за 18 % поголемо од остварувањето во 2021 година. Вкупното годишно остварување на сите програми е 96,88% и е за 24% поголемо од 2021год, кажа координаторот на ВМРО ДПМНЕ Перчо Божиновски.
Програми кои што 2021 година имало 0% реализација, сега во 2022-ра имаат целосна 100% како Паркови и зеленило, Против пожарна заштита, детски градинки, одржување и заштита на патишта и улици реализација 88%. Единствено програмата за културни манифестации и творештво е со реализација од 11% и генерално само таа програма е под 50%, а во 2021 била 0%, посочи Божиновски.
И покрај затекнатиот долг од речиси 860 мил денари се гледа високата реализација на успешност, а треба да се спомене дека тој долг и се намали за 202 мил денари. Спречена е лошата финансиска состојба во образованието со сервисирање на сите заостанати долгови на училиштата. Особено е очигледно подобрувањето на условите за учениците преку инвестиции во сите училишта. Исклучително посветени во поддршката на спортот, ќе ја спомнам организацијата на јубилејното издание на пливачкиот маратон. За прв пат е организиран етно фестивал и Фестивал на вино и за прв пат е отворен Младински центар. Асфалтирани и пополнети ударни дупки на 33 улици, асфалтирани улици во вкупна површина од 14 илјади метри квадратни, реализирани 18 прокети за изградба и реконструкција на водоводни линии, изградени два резервоари за вода – наброја Божиновски.
Со печатена брошура на говорницата и зборовите 365 дена промени за доброто на охриѓани и отчетно и транспарентно трошење на буџетските средства, го заврши своето излагање Божиновски што изнуди реакција од координаторката на СДСМ .
Колега нема црно – бело, сиво е колега. И онаa книшката 365 дена овде на говорница што ја извадовте ако погледнете во изминатите 4 години има институти кои ја следат отчетноста и транспарентноста па ќе видевте на кое место е Општина Охрид во тој поглед и мислам дека е задржано тоа ниво. Меѓутоа да се претставува се црно, а другото бело, мислам помина времето на таков популизам. Она што ви е единствено точно се оние ударни дупки што е направено изминатата година, реков нема да зборувам за големите прокти ама вие упорно 100% е реализација. Ами зборував зошто е 100% реализација – реплицираше Ангелоска.
На политичките препукувања и споредбите кој колку реализирал СДСМ или ВМРО ДПМНЕ, се надоврза претседателот на Совет, Сашо Донев. „Сакав воопшто да не говорам политички, затоа што кога ќе дојдат бројки не треба политиканство“, рече Донев, но сепак и се обрати на Ангелоска со молба да не спомнува капитални инвестиции.
Реализацијата е над 90%, да не беше блокирана сметката, да немавме толкави долгови, да не ни извршуваа од сметка затоа што некој направил толкав долг и се уште не одговара после долги години ние ќе имавме пари да го направиме плоштадот Крушевска Република или да го изградиме Кеј Македонија – кажа Сашо Донев.
Потоа Донев 5 минути набројуваше градежни зафати, санации, партерни уредувања, водоводни, канализациони мрежи, тротоари и улици и на крај кажа дека Фондот за комунален развој со најголем дел од средствата обезбедил работа за комуналните претпријатија. На крајот на дискусијата околу реализацијата на годишните програми и завршната сметка на буџетот за минатата година, Секретарот на општината кажа дека повеќе нема оваа локална власт да се споредува со 2021 година односно со времето на претходната.