Јавен повик за менторски услуги на мали и средни претпријатија
Агенцијата за поддршка на претприемништвото објави Јавен повик за спроведување бесплатни стандардизирани менторски услуги во мали и средни претпријатија (МСП). Повикот е отворен до крајот на месецов, а право на учество имаат микро, мали, средни претпријатија кои се занимаваат со производствени или услужни дејности.
Целта на менторските услуги е обезбедување навремена поддршка на претпријатијата во клучен момент за нивниот понатамошен развој, по методологија развиена и применувана во Јапонија.
Корисниците на менторските услуги заедно со менторот ќе работат на анализа на моменталната состојба во која се наоѓа претпријатието, утврдување на клучните сегменти во кои е потребна поддршка, преточени во акциски план за надминување на истите, како и помош во решавањето на некои од нив – информира Агенцијата.
Mенторите се квалификувани лица со овластување да ги спроведуваат услугите врз основа на успешно завршени менторски обуки од областа на дијагностика на претпријатија, финансиски менаџмент, маркетинг, развој на бизнис план, управување со производство, деловна комуникација и развој на човечки ресурси.
Системот на менторски услуги е развиен и стандардизиран во соработка на Агенцијата за поддршка на претприемништвото и Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) во 2018 година. Се спроведува во соработка со регионалните центри за деловна поддршка во седум региони на територијата на државава од каде иницијално доаѓаат и менторите.
Услугата се спроведува веќе шет години, со вкупен опфат од 186 корисници, кои изразија задоволност и оценија дека менторството им помогнало во работењето – велат од Агенцијата.
Менторските услуги се бесплатни за избрани корисници кои ги задоволуваат условите и критериумите дефинирани со Јавниот повик објавен на интернет страната на АППРСМ: http://www.apprm.gov.mk/Javen_Povik-Mentorstvo
За избраните корисници, постојни претпријатија се одобруваат 50 менторски часови, а за почетните претпријатија 25 менторски часови.