Skip to main content

Култура

Изложена виолината на Садило

Најпознатата охридска виолина, на легендарниот чалгаџија Климе Садило, од неодамна изложена во Музејот Куќа на Робевци во Охрид.
 |  Голабовски Крсте  | 
Виолина

Музичкиот инструмент на најпознатиот охридски чалгаџија од крајот на 19 и почетокот на 20 век, вилоината на Климе Садило, е изложена во Музеј Куќата на Робевци. Сега посетителите покрај тоа што ќе можат да го видат експонатот, имаат можност и да ја слушаат музика од тајфата на „Садиловци“.

Климе Садило има огромна заслуга во популаризацијата на охридската староградска песна од 19 век . Тој исто така со својата тајфа дал огромен придонес охридската староградска песна да се пренесува од генерација на генерација и да опстои се до денес. Од огромно значење е гестот што охридскиот „Завод и музеј“ од правнукот на Садило ја откупи неговата виолина која сега, е изложена во Куќата на Робевци.

„Виолината според неофицијални проценки е изработена околу 1880-та година во Германија. Климе Садило својот музички ген го наследил и од дедо му и од татко му, кои свиреле на лаута или кемане, меѓутоа го учел чалгискиот занает во Битола кај семејството Лозанчеви и од таму ја набавил, ја купил виолината на којашто свирел до крајот на својот живот“, изјави Оливера Мишева, виш кустос етнолог во НУ „Завод и музеј“-Охрид.

Не можело во Охрид и поширотко да се замисли семеен настан или друг себап без мизката и песните на тајфата на „Садиловци“. Тие на почетокот на 20 век во Њујорк снимиле и лонгплеј плоча, која исто така е откупена од семејството заедно со највредните фотографии.

„Она што тие го опевале ние можеме многу да научиме од тоа. Да научиме за животните навики, да научиме за правилата и нормите на живеење, за традицијата, обичаите, за старите охридски семејства, за забранетите љубови, за неостварените љубови, за идеалите на народот што живеел тука, за борбата за слобода“, додаде Мишева.

Со откупот на виолината, националната установа „Заводот и музеј“ ја исполни последната желба на Климе Садило, виолината да остане во Охрид. „Ова пак претставува и голема обврска, во иднина повеќе да се заложиме за поинтензивна популаризација на ова наше културно наследство“, вели Мишева.