Skip to main content

Тетовирани импресии

ФДУ го одбележува творештвото на Горан Стефановски

Настаните од програмата ќе се одржат од 27 март до 27 април, во организација на факултетот и со учество на соработници, колеги и новите „наследници“ на Горан, студентите кои ги продолжуваат неговите приказни.
 |  инфодеск  | 
Горан Стефановски

Факултетот за драмски уметности – Скопје го слави творештвото на нашиот и ваш, единствен Горан Стефановски, со мултимедијална програма под наслов „Тетовирани импресии“, соопштија од ФДУ.

Настаните од програмата ќе се одржат од 27 март до 27 април, во организација на факултетот, и со учество на соработници, колеги и новите „наследници“ на Горан – студентите кои ги продолжуваат неговите приказни. Ќе потсетат на творештвото кое претставува бескрајна инспирација за минатите, сегашните и идните генерации на факултетот. Инспирација која нé поттикнува кон подобро и повеќе уште од нашата „Бушава азбука“. И од „Јане Задрогаз“, преку „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Чернодрински се враќа дома“…, се до „Огнени јазици“. Од нивното запознавање, разбирање, препрочитување и поставување, до одново станување и борење за она што е вистински наше.
„Тетовирани импресии“ ќе започнат со одбележување на Денот на театарот, на 27 март. Во рамки на програмата ќе гледате испитни претстави и етиди по текстови на Горан, проекции на филмови по негови сценарија, и презентација на документарен филм во реализација, посветен на неговото дело. Ќе слушнете како изгледала соработката со Горан преку дискусии со неговите долгогодишни соработници, а и музичка програма во соработка со студенти од Факултетот за музичка уметност. Програмата ќе се заокружи на 27 април, неговиот роденден.
Влезот за сите настани е слободен. Деталите за секој настан ќе бидат дополнително
објавени на веб-страницата и социјалните мрежи на Факултетот за драмски уметности
– информираат од ФДУ.