Skip to main content

УНЕСКО статусот повторно виси на конец

Справувањето со дивоградбите ќе биде долг, тежок, болен и скап процес, а не е ниту започнат. Мерки и активности има, и тоа итни, но само на хартија. Недостига волја за нивно суштинско спроведување, велат еколошки организации. Справувањето со неконтролираната урбанизација и отстранување на дивоградбите во заштитеното подрачје се едни од клучните препораки за задржување на УНЕСКО статусот на Охридскиот регион. За невладините регионот де факто е светско наследство во опасност. Останува тоа да го официјализира Комитетот за светско наследство на својата следна 45 седница во септември, со што конечно ќе се согласи со сопствените експерти и советодавни тела, кои со години гледаат мал или никаков напредок во исполнување на итните препораки.
 |  Маја Савиќ  | 
Охрид исток

Агресивната и неконтролирана урбанизација и дивоградбите се едни од главните закани по Исклучителната универзална вредност на природното и културното наследство на Охридскиот регион. Целосно отстранување на дивоградбите кои имаат негативно влијание на заштитеното добро под капата на УНЕСКО, зауздување на урбанизацијата и стопирање на крајбрежните трансформации се препораки на чие исполнување Реактивните мониторниг мисии (2017 и 2020) , експертските тела на УНЕСКО и Комитетот за светско наследство инсистираат и ги нотираат како итни скоро 6 години. А на терен проблемот со притисокот на урбанизацијата врз заштитеното добро и градењето на диво, метастазира.

На територија на Охридскиот регион има илјадници дивоградби од кои добар дел се во процес на легализација. Општините неколку години не можат само да ги пребројат, а итниот процес на отстранување на оние кои претставуваат закана по природното и културното светско наследство, во овој момент е само стратешка цел на хартија.

Последно владата на крајот на декември 2022г. ги задолжи Министерството за транспорт и врски, општините Охрид, Струга и Дебрца да достават ажурирани податоци со инвентар за сите бесправно изградени објекти, за да може да се изврши нивно класифицирање и да се изработи Програма за отстранување на дивоградби.

„Ве информираме дека доставени се податоци од страна на општина Дебарца и НП Галичница, додека општина Охрид достави делумни податоци. Општина Струга нема доставено податоци со инвентар на бесправно изградени објекти.
Министерството за транспорт и врски достави уште едно барање со ургенција за ревидирање и надополнување на податоците, но заклучно до денешен ден нема повратна информација од општините.“
– велат од транспорт и врски во одговор за ТВМ .

Имаа рок 30 дена. Од Општина Охрид не добивме одговор до каде се со ажурирањето на регистарот на дивоградби. Градоначалникот на Општина Струга, пак, изминативе години беше упорен во тврдењето дека во Струга нема дивоградби.

„Преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, а по долг период на чекање, од оваа општина добивме една штура листа објекти во нивните административни граници, но целосна листа или регистар, до денес не е доставен. Според Ревизорскиот извештај, до септември 2020 г., во Струга во постапка биле 2.775 предмети за легализација. Но, бесправното градење продолжи непречено. Општина Струга имаше обврска за доставување на инвентарот до централната власт, но кооперативноста на оваа општина е скоро никаква, што се однесува на исполнување на препораките од УНЕСКО. За Општина Дебрца немаме податоци. Единствено Општина Охрид има изготвено темелен документ од скоро 16.000 објекти, но процесот на легализација не оди преку изготвување стручни оценки за влијанието врз животната средина и културното наследство, како што беше наложено, туку само преку мислење од МЖСПП и ЈУНПГ, кое се сведува на неколку реченици, без анализи. Не само тоа, туку не сите легализации се во согласност со законот во однос на обезбедените мислења од МЖСПП.„ – велат од Граѓанската платформа Охрид СОС.

Мерките се зацртани, изостанува вистинска акција

Во септември 2019 година одекна веста дека Општина Охрид почна со отстранување на нелегално изградени објекти, за кои претходно издала решение за уривање. Со скромен буџет се расчистуваше крајбрежјето од платформи, бетонски ѕидчиња, шанкови, времени објекти,кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план и навлегуваат во Охридско Езеро. Атрактивните плажи со истечени договри за концесија станаа слободни за користење од страна на граѓаните и туристите, без урбана опрема. Останаа објектите кои работеа како кафе барови преку целата година во делот по патеката Студенчишта чии сопственици водат судски спорови со Општината.

Јуни 2021 отстранување платформи


Во јуни 2021 соседна Струга започна со отстранување на неколку платформи на плажи. „ Не сакаме ние да бидеме црна овца, се солидаризираме со Охрид за да придонесеме да се приближиме до УНЕСКО“ – изјави тогаш градоначалникот Рамиз Мерко. Но додаде дека неколкуте платформи во езерото служеле за развој на туризмот и не биле пречка за имплементација на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот регион. Акцијата беше медиумски проследена и се поклопи со почетокот на зелената агенда на ДУИ.

Отстранување на дел од привремените конструкции и опрема од плажите во Охрид и во Струга, не е спроведување на препораката за справување со дивоградбите, децидни екологистите.

„Општина Охрид имаше неколку медиумски акции за отстранување на дивоградби, но откако камерите ќе престанеа да снимаат, тие објекти беа доградени и функционираат и денес. Отстранетите времени објекти на крајбрежјето беа она што се реализира, но и тоа беше нецелосно, селективно, а некаде во скратена форма и денес има платформи. Арматурите, бетонските или камени ѕидови во езерото сè уште стојат. Во Струга освен една платформа, сè друго стои во првата крајбрежна линија. Нема отстранети дивоградби, нема реална транспарентност или објава, редовно ажурирање, да знае јавноста до каде е процесот. Се чини како сето ова да им е наметнато сосила на општините, каде бесправната градба и понатаму продолжува.“ – посочуваат од ОХРИД СОС.

Плажа без урбана опрема

Охридската ривиера остана со неуредени плажи и така истера три туристички сезони што предизвика незадоволство кај дел од граѓаните, кои коментираа дека поради УНЕСКО трпи туризмот. Срамота е Охрид во 21 век да нема уредени плажи, негодува охридскиот градоначалник Кирил Пецаков. Општината го чека Урбанистичкиот план за крајбрежје со кој ќе се утврди каде и како ќе се уредуваат плажи во иднина , но изготвувањето на планот од Агенцијата за просторно планирање ги проби првично најавените рокови и се уште не е на повидок.

„Според сите параметри што ги имаме и редовните состаноци со засегнатите страни, планот не би се донесол ни во наредните две години. Уште не ги имаат добиено подлогите за да го изработат Планот за управување со Охридското крајбрежје. Не можам ни да одговорам зошто е тоа така. Меѓутоа, во моментов планот е зависен и од тоа што теба да претставува Закон за Студенчишко блато што треба да се носи во Собранието на Република Македонија. Понатаму има план за управување и прогласување за Национален парк и некако овие планови се зависни еден од друг, а оваа процедура е закочена во моментов во Собранието. Во соработка со невладините имаме некое подобрување на тој Закон што може во иднина да се прифати од собранието. Во однос на уредувањето на плажите за претстојната туристичка сезона имаме план, но додека не го завршиме не можам да изнесам детали.“ – изјави Пецаков.

Откако спласна еуфоријата околу акцијата за отстранување платформи и времени објекти на охридското крајбрежје, од 2021 до денес јавноста не дозна за отстранување на дивоградба во кртичините зони под заштита.

крајбрежје исток

Има приоритетни дивоградби за отстранување и извршни решенија од кои дел се и од пред десет години.

Само во заштитен појас на НП „Галичица“ каде не смее да постои никаков објект евидентирани се 33 дивоградби како приоритетни за рушење. Списокот изготвен од НУНП Галичица, која си ја заврши домашната задача за инвентар на дивоградби, содржи над 400 бесправно изградени објекти од кои 70-тина објекти се на државно земјиште. Голем дел од објектите се во процес на легализација, а се гради и доградува , за што од паркот во континуитет изготвуваат пријави до надлежните.

Следен чекор на установата е снимање со дрон на урбаните делови на паркот каде што има изградени објекти. Планот е да се опфатат околу 1000 хектари, по што, со помош на софтвер, снимките ќе бидат составени во карти. Снимањето ќе трае со месеци и ќе биде помогнато финансиски од шпанската амбасада. Подготвената дата база и креираните мапи ќе бидат проследени до сите релевантни институции со што тие ќе добијат веродостојни податоци, вели Андон Бојаџи, рајководител на одделението за заштита на природата во националниот парк.

Ќе добиеме геореференцирани мапи подготвени за преклопување со други просторно плански документи. Со преклопувањето ќе можеме да добиеме информации кои од изградените објекти се наоѓа во рамки на урбаните опфати ако има такви, односно ако има просторно планска документација за подрачјето. Ако нема , тогаш ќе ги доставиме до надлежните институции овие податоци за тие полесно да можат да одлучат дали објектот ќе се легализира или не. Оваа активност за нас е многу значајна бидејќи урбанизацијата е најголем проблем за зачувување на статусот заштитено подрачје во категорија 2, национален парк, а две третини од паркот се во рамки на светското природно и културно наследтво на Охридскиот регион.“ – вели Бојаџи.

Проблемот со дивоградбите нема да се реши се додека централната и локалните власти не одлучат вистински да се посветат на оваа проблематика. Она што моментално го гледаме е усогласеност помеѓу двете но во насока на спротивната цел, пример, централната власт носи закони за продолжување на легализацијата, а локалните и натаму легализираат, посочуваат од еколошкото здружение ФРОНТ 21/42.

„Речиси да нема седница на Совет на Општина Охрид на која не се разгледува легализација на најмалку десетина предмети. Наместо преземање на активности за справување со дивоградбите, државата повторно го продолжи Законот за легализација на дивоградбите изградени пред 2011 година, а изготви нов Закон за оние изградени по 2011. Она што нас особено не загрижува е ставот (и намерата) на институциите, проблемот со дивоградбите да се реши со усвојување на нови урбанистички планови во кои ќе се вклопат бесправните објекти (и со тоа веќе нема да бидат бесправни). Ваквото постапување не само што е спротивно на Препораката на УНЕСКО, туку е и прекршување на последната Одлука на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција кој порача запирање на постапките за легализација се до спроведување на мисијата на терен и усвојување на официјални препораки кои ќе произлезат од истата.“ – велат од ФРОНТ 21/42.

Хотелот во Лагадин се доградува, а УНЕСКО бара негово уривање

Спорниот хотел во Лагадин, со години е актуелен како симбол на немоќта на надлежните да поништат одобрение за градба на објект на самиот брег на Охридско езеро и заштитната зона на НП Галичица. Додека надлежните институции на локално и централно ниво си ја префрлаат топката, инвеститорот ги тужи Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид во управна постапка и на крај добива мериторна одлука од Второстепена комисија која го поништува основот врз кој со години се носат решенија за поништување на одобрението за градба.

Х. Лагадин извор Фејсбук ОхридСОС


Мајсторите со првото мартовско сонце продолжија да го доградуваат хотелот, а од Општина Охрид не одговараат на прашањето дали согласно препораката на Комисијата за УНЕСКО и Министерството за транспорт и врски, повторно ќе го отворат предметот за овој спорен објект и ќе ја преиспитаат постапката за издавање на одобрението за градба и истото да го поништи по друг основ, а не неизвестување за отпочнување со градба.

Во меѓувреме до УНЕСКО државава пушта извештај за напредокот во исполнување на препораките во кој воопшто хотелот во Лагадин не е спомнат иако во препораката од РММ во 2020год стои „Забрзување на административните постапки за да се постигне уривање на недовршениот хотел во Лагадин“.

На прашањето како ги коментираат оправдувањата на Општина Охрид дека не можат ништо против важечки одобренија за градба за објекти во појасот од 50 метри од Охридското езеро, од ОХРИД СОС велат дека треба да се почитува Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

„Како Анекс во извештајот кој Министерството за култура го достави до УНЕСКО, стои одлуката на Општина Охрид за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени, каде во член 2 стои дека „урбанистичките планови, урбанистичките проектни и плански документации донесени пред стапување во сила на Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020-2029) ќе се применуваат и спроведуваат согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020-2029)“.
Ете клучен аргумент дека и тие одобренија треба да се ревидираат и прилагодат на Планот за управување. На тоа се обврзала Општина Охрид, и тоа јасно стои во оваа одлука. И не само прилагодување кон Планот за управување, туку и кон урбанистичкиот план за крајбрежје, кој допрва треба да се донесе. Доколку се остават таквите градби, тоа ќе претставува своевиден преседан и може да има негативни последици во иднина. “
– велат од ОХРИД СОС.

Спроведувањето на Планот за управување е законска обврска на Општина Охрид, како и на Општина Дебрца и Општина Струга. ОХРИД СОС ги зачудува тоа што на таа обврска треба катадневно да ги потсетуваат, во услови кога регионот де-факто е загрозено светско наследство.

ohrid

Стар град – поголемо, повисоко, „поубаво“

Во срцето на Стар град, архитектонската гордост на регионот, во комшии на седиштето на НУ Завод и Музеј на местото на срушена едноспратна куќа се гради нова П+3. Жителите деновиве повторно на протест изразија незадоволство од тоа како надлежните институции го заштитуваат автентичното старо градско јадро и побараа стопирање на градбата.

„Во самиот Закон за старото градско јадро на Охрид стои дека габаритите на урбаните објекти не смее да се менуваат ни во ширина ни во висина ни во должина. Ова е класичен пример од П+1 се прави П+3. Нивните мислења кои се скроз погрешни и намерно направени, стои дека котата стои кај земјената подлога и котата почнува од темелите а не од улицата.“ – вели Мирче Ристески – жител на Стар град.

„Бараме од надлежните институции за заштита на културното наследство да се стопира и поништи конзерваторското одобрение и дозволата за градење. Со овој проект „стручњаците“ ја заштитуваат древната охридска архитектура. Далие ова е тоа што УНЕСКО го очекува од надлежните институции за културно наследство? Дали препораките на УНЕСКО се почитуваат со удоволување на поединецот?“ – прашува Наум Аионски од Стар град.

Куќа на ул „Христо Узунов“

Протестираа и во 2021год, а од 2019 година доставуваат барања до сите надлежни институции да се поништат актите од Завод и Музеј и Управата за заштита на културното наследство (УЗКН). Барањето за стопирање на градбата го разгледуваше и Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во декември 2020г при што констатирала дека изградбата е спротивна на основните начела на заштита на културносто наследство, Законот за старото градско јадро и Планот за управување со Охридскиот регион и поткрепа на неспроведувањето на препораките на УНЕСКО. „Иако претпоставуваме дека потребната документација е издадена согласно важечките закони сепак изостанува стручноста и знаењето за потребата од зачувување на светските вредности“ потенцира Комисијата и препорача Завод и Музеј и УЗКН и МТВ да ги преиспитаат/ повлечат издадените акти врз основа на кои инвеститорот треба да прибави одобрение за градба. Три години подоцна за објектот има правосилно решение за градба. Од охридскиот Завод и музеј велат дека постапката во поглед на одобренијата за овој објект е запазена.

„Во секој случај постапката е запазена. Проследени се претходно сите доставени документи и се што од кај нас е излезено се е регуларно. Издадено е конзерваторско одобрение, кое исто така е одбрено од страна на Управата за заштита на културно наследство и запазени се План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и Законот за заштита на културно наследство.“ – вели Катерина Велковска – в.д. директор Н.У Завод и музеј – Охрид.

Прогласување мораториум за секаков вид на градба во Старото градско јадро на Охрид сè до донесување на ДУП-овите за 19-те комплекси, отстранување на нелегалниот хотел во Лагадин, се наведени на долгиот список кој OHRID SOS го достави до Националната комисија за УНЕСКО кога од нив била побарана помош да достават листа на приоритетни активности.

Справувањето со дивоградбите ќе биде долг, тежок, болен и скап процес

Од Иницијативата ОХРИД СОС активно учествуваат во сите процеси на донесување Закони, Планови за управување, Стратегиски планови , акциски планови во насока на исполнување на препораките и заштита на регионот. Велат „Документи има многу, но она што треба да се случи е нивна имплементација. Сè уште се одолговлекува. “

И последниот Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион, кој треба да гарантира имплементација на препораките и одлуките на УНЕСКО, според невладините еколошки организации има фалинки.

Тој предвидува забрзување на процесот за целосно отстранување на дивоградбите за кои ќе се процени дека имаат негативно влијание врз Светското наследство по спроведување на постапка за Оцена на влијанијата, изготвување ажуриран инвентар и мапа на дивоградби со нивно класифицирање, изготвување акциски план со утврдени приоритети и рокови за уривање на дивоградбите, и етапно отстранување на бесправно изградените објекти (вклучително и доградби, надградби…) во заштитените зони за кои е издадено правосилно решение од надлежен орган. И сето тоа повторно е означено како итно. Но Охрид СОС и ФРОНТ 21/42 не се премногу оптимисти.

„Во Стратегискиот план гледаме нови рокови за обврски кои требаше да бидат веќе одамна исполнети. За забрзување на процесот, односно за суштинска имплементација, потребен е надзор, потребен е постојан притисок, дали од централната власт или друго тело, со оглед дека волјата на локалните самоуправи по однос на ова прашање е скоро и непостоечка. Најважно, потребно е да се прецизираат надлежности и санкции за неисполнување.“ – велат од ОХРИД СОС.

„Иако генерално Стратегискиот план за рехабилитација на Охридскиот Регион предвидува активности за подобрување на состојбата, сепак скептични сме во однос на нивното спроведување, имајќи предвид дека истиот овој план наведува дека финансирањето / буџетирањето на спроведувањето на мерките (активностите) за рехабилитација на доброто ќе бидат проценети во моментот на нивното спроведување и согласно актуелната финансиска состојба од страна на надлежните институции. Според оваа констатација, а имајќи предвид дека оправдувањето на институции за преземање одредени активности е дефицитот на финансиски средства, сметаме дека истото ќе се случи и за активностите од овој план, резултатот ќе биде нивно неисполнување.“ – велат од ФРОНТ 21/42.

Целосно отстранување на дивоградбите кои имаат негативно влијание на заштитеното добро на регионот ќе биде долг, тежок, болен и скап процес. Не е ни започнат, а е само една од многуте задачи кои треба да ги исполниме.

Институциите не успеаа да си ги извршат своите обврски за кои имаа две години дополнителен рок од последната 44 седница на Комитетот за светско наследство, или вкупно четири откако Центарот за светско наследство прв пат препорача Охридскиот регион да биде ставен на листата светско наследство во опасност.
Иако власта на централно и локално ниво и институциите по многу прашања си ја префлаат топката од едни на други и се критикувани за некоординираност, градоначалникот на Охрид смета дека соработката помеѓу Општина Охрид и министерствата по однос на УНЕСКО е одлична. Додава дека проблемите кои доведоа до оваа состоба да го спасуваме УНЕСКО статусот на Охридскиот регион се таложеле со децении и не може да се очекуваат инстант резултати во нивно решавање.

„Факт е дека работите се поместени и уште поважно е тоа дека ако за некоја работа имаме одлична соработка како градоначалници и министри од различни политички партии, тоа е дефинитивно теамата околу УНЕСКО. Редовно се држат состаноците во Влада на кои присуствуваат градоначалниците од трите засегнати општини и четири министерства како и невладините организации. Факт е дека напредуваме, но некои работи зависат од финансиски средства. Ако сите овие работи кои ги имаме како препораки ги претставиме како една вкупна сума доаѓаме до износ од околу 12 милиони евра кои Општина Охрид , за жал, ги нема. – вели Пецаков.

Природно богатство

Реално е очекувањето Комитетот на својата следна 45 седница во септември, конечно да се согласи со сопствените експерти и советодавни тела, кои со години гледаат мал или никаков напредок во исполнување на итните препораки, и Охридскиот регион да го прогласи како „светско наследство во опасност“.
Сепак, ставањето на регионот на, како што многумина знаат да кажат, “црната листа“ не значи црно сценарио. Според екологистите и граѓанските активисти, впишувањето на универзалното добро во листата на светско наследство во опасност ќе ја засили меѓународната поддршка за да и се помогне на државата ефикасно да се справи со предизвиците и заканите, да се спречи понатамошна деградација, да се започне со рехабилитација и да се сочува исклучителната универзална вредност на регионот. Она што нам досега очигледно не ни оди од рака.

Со оваа сторија ТВМ се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите, во рамките на проектот „Користи факти”.