Мали против Голем
Утре вистинско театарско доживување за најмладата, но и за возрасната театарска публика во градов. Премиера на театарската претстава „Мали vs ГОЛЕМ“ во изведба на детското драмско студио „ДрамаКидЗ“, кое работи во рамки на НУЦК „Григор Прличев“. За многу работа, посветеност, но и за многу забава и многу нови другарства зборуваат младите актери возбудени пред вечерашната генерална проба и секако пред утрешната премиера. Велат, тешко не било ништо, а интересно им било буквално се.
Инаку, „ДрамаКидЗ“ започна со работа од октомври 2022 година и брои 26 членови од 3-то до 8-мо одделение, кои макотрпно работеа за реализацијата на овој проект.
Многу сум среќен, што од идеја дојдовме до реализација. Пред некои шест месеци отворивме конкурс за детско драмско студио на кој се пријавија овие прекрасни дечиња, кои шест месеци работеа макторпно задно со тимот, режисерката Ирена и драматургот Кристина – истакна Горан Симоноски, директор на Центар за култура „Григор Прличев“.
Оваа претстава претставува коавторско дело на драматургот Кристина Тодороска Петреска и режисерот Ирена Стеријовска. Обработува теми од секојдневието на младите личности нивниот глас и размислувања, наспроти образовниот систем и воопшто светот на возрасните.
Исклучително сум изненадена и почестена сум што имав можност да работам со толку талентирани деца. Со Тинка договоривме бидејќи ги видовме нивните потенцијали, дека ќе напишеме приказна која произлегува од нивните мотиви. Она што ним најмногу им се случува и ги интересира во животот, а тоа е училиштето – вели Стеријовска.
Како ментори на „ДрамаКидЗ“, авторите во текстот и во самата изведба инкорпорираат мислења, ставови и темпераменти, кои се автентични за самите членови на студиото, па така ова театарско дело, иако жанровски фикционално, обелоденува многу вистини за светогледот на децата, во едни несигурни и неприлагодени општествени контексти, информираат од Драмското студио.
Се пријавија исклучително талентирани деца, надарени за театар, љубители на уметноста и тоа го докажуваа на секоја од работилниците. Посветени, одговорни работеа на задачите кои им ги задававме и ги усвоија принципите во театарот, дисциплина слушање, посветеност, вклученост, фокусираност, вештини кои ќе им служат и понатаму во секојдневието – изјави Кристина Т. Петреска, драматург.
Со нив работат професионалци, членови на ансамблот на НТО и тоа драматурзите Зоран Пејковски и Кристина Т. Петреска, режисерите Ирена Стеријовска и Ѓорѓи Ризески, како и актерите Филип Кипровски, Павел Маслов и Стрезо Стаматовски.
Координатор на Драмското студио е Зоран Левески, стручен соработник за драмска дејност при НУЦК „Григор Прличев“. Премиерата е утре во 20 часот, а репризата на претставата е закажана во петок на 7-ми апри. Истата ќе се игра и во текот на целата репертоарна сезона.