Skip to main content

Основен суд охрид

Пендиков повторно не се појави во судница, обвинетиот Спасески не се чувствува виновен

Денеска во Основниот суд во Охрид започна главната расправа од судскиот процес за претепувањето на Христијан Пендиков. Обвинетиот Илија Спасески се изјасни дека не се чувствува виновен. На Спасески му се суди за кривично дело напад од омраза со тешки повреди. Пендиков повторно не се појави на судењето.
 |  инфодеск  | 
Рочиште Пендиков

Со воведните зборови, односно презентирање на обвинителниот акт од страна на обвинителството започна главната расправа во судскиот процес за претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, на 19-ти јануари пред угостителски објект.

Првообвинетиот Илија Спасески, кој се товари за кривично дело „нанесување на тешки телесни повреди од омраза поради национална и етничка припадност“ се изјасни дека го разбира обвинението, но дека не се чувствува виновен.

Оштетениот, Христијан Пендиков и денеска не се појави во судницата. Неговиот правен застапник, адвокатот Стефан Камишевски, кажа дека отсуството е од здравствени причини, исто како и на минатото рочиште од пред еден месец. Додаде дека Пендиков ќе дојде во охридскиот суд кога ќе му заврши лекувањето.

Сега е во подобра здравствена состојба. На следното не знам дали ќе се појави. Не можам да тврдам. Се зависи од тоа кога ќе заврше неговото лекување – истакна Стефан Камишевски, адвокат на оштетениот Пендиков.

Камишевски

Судијата Бојан Мартиноски, кој го води процесот, судењето го продолжи со изведување на материјалните докази. Од страна на обвинителството во судница беше пуштена и снимка од безбедносна камера од инцидентот на критичната вечер.

На видео записот се виде како две лица тепаат едно лице. Кои се лицата допрва треба да се утврди. Впрочем за тоа и е постапката, да се утврди вистината што се случило на критичниот настан кои лица го претепале кое лице – додаде Камишевски.

Тепање пендиков

Претставникот на одбраната, адвокатот Димитрија Цобоски смета дека снимката презентирана пред судот не потврдува кој го повредил оштетениот.

Вие ги гледавте снимките. И обвинителот вели „јас мислам дека е тој“. Не треба некој да мисли дека е тој или овај туку треба да има докази од кои неспорно може да се утврди. Мислење на обвинител дали е тој или не е тој, не е доволно за некој да се огласи за виновен – вели Цобоски, адвокат на обвинетиот Спасески.

Цобоски

Судијата Бојан Мартиноски следното рочиште го закажа за 31 мај.