Skip to main content

Студентите и вработените ќе треба да се дислоцираат

Студенскиот дом во Охрид нема да се реконструира етапно

Во октомври годинава, започнува реконструкцијата на охридскиот студентски дом „Никола Карев“. Амбициозниот проект на владата, преку министерството за образование и наука ќе значи алокација на студентите сместени во домот, како и на вработените. Ќе се реновира и екстериерот и ентериерот на објектот, со цел значително подобрување на условите за престој на студентите.
 |  инфодеск  | 
Студенски дом

Реконструкцијата на државниот студенски дом „Никола Карев“ во Охрид нема да биде етапна како што првично се планираше. Студентите и вработените за време на градежните зафати ќе треба да се дислоцираат за што се очекуваат насоки од МОН. Ќе се реконструира целата зграда, а ќе се менува како екстериерот, така и ентериерот на објект, мебелот и апаратите. Станува збор за сериозен инфраструктурен потфат, за чијашто реализација ќе треба време. Очекуваните резултати се значително подигање на квалитетот на животот на студентите во домот.

Откако се направија анализите видовме дека нема да е можно спрат по спрат, односно откако ќе се започне со работа, ќе мора студентите и самите вработени да го напуштат студентскиот дом. Реконструкцијата ќе биде на целиот објект, фасадата, ресторан, кујна, собите, канцелариите, кровот горе. Ќе се менува дограмата, ќе се направат некои други внатрешни реновирања, како што е адаптирање на простории за лица со посебни потреби. Се се менува, во кујна, сите апарати, се ќе биде ХАСАП систем, иако и досега беше се ХАСАП, трепезариските маси, столови, горе во собите ќе има нов инвентар – истакна Жарко Куциноски, директор на ДСД „Никола Карев“ Охрид.

Жарко Куциноски

Студентскиот дом со планираната реконструкција нема да ги добие фотоволтаиците. Според препораките на УНЕСКО и законот за заштита на старото градско јадро познати се дозволените интервенции на објектите кои се во заштитениот опфат, во кој спаѓа и студентскиот дом. Но ова не значи дека лесно ќе се напушти идејата за енергетски ефикасен објект, во време на енергетска криза, вели првиот човек на домот.

Досега немаме дозвола за поставување на фотоволтаици. Ако успееме во некои преговори со канцеларијата на УНЕСКО во Македонија, ако ни дозволат тоа ќе биде добро за самиот дом за заштита на електричната енергија – додаде Куциноски.

Проектите за реконструкцијата на Државниот студентски дом „Никола Карев“ се готови, сега треба да се заврши тендерската документација и да се изберат најповолните изведувачи. Предвидената рехабилитацијата и модернизација на државните студентски домови е проeкт вреден 20 мил евра од Германската развојна банка. Истиот треба да биде завршен 3 години од започнување на градежните активности.