СДСМ: Повикот за клима уреди изрежиран
Од ОО на СДСМ изразуваат сомнеж дека јавниот повик за субвенционирање клима уреди од страна на Општина Охрид е, како што велат, целосно изрежиран и нашминкан.
,,Триесетина клима уреди, пуштени на најјако, во рекордно време го стопија повикот за субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертер клима уреди за 2023 година”- стои во сооштението од партијата.
„Вчера охриѓани денот го поминаа пред општинската зграда барајќи објаснување од надлежните, зошто не им се примаат документите согласно повикот за субвенционирање на клима уреди ! Откако добија одговор дека повикот е завршен поради исцрпување на средствата, а истиот беше објавен истиот ден пред само час – два, се поставуваше прашање : Дали за да добиеш субвенции треба да бидеш партиски послушник на ВМРО – ДПМНЕ Охрид ?“ – прашуваат од СДСМ.
Но, со оглед на тоа што најверојатно на надлежните не им успеало да го задоволат целото членство на кое му биле ветени субвенции, револтот изгледа станал уште поголем.
„Од далеку се гледа што направивте со повикот, почитувана Локална власт. Физички невозможно е охриѓани за два до три часа најпрво да разберат за повикот, па да ја соберат целокупната документација, и да аплицираат во архива. А при тоа, тие кои со сите сили успеаа да стигнат, а не беа претходно информирани како што беа Вашите избраници, беа пречекани со исказ: Повеќе среќа следен пат. Повикот заврши!“ – посочуваат од СДСМ.
Од таму и порачуваат на локалната следниот пат манипулирањето на граѓаните да го направат малку пософистицирано.