Бакарната уметност од рацете на охриѓанката Ленче
Дваесет и три години, охриѓанката Данче Наумоска, изработува предмети од бакар. Дел од нејзиното творештво чинат најразлични предмети, рељефни слики, во последно време и накит. Наумоска работи во најразлични техники, патинирање, посребрување, позлата, рељеф, потоа користи бои, се со цел нејзиниот краен производ да биде скроен по желба на купувачот. Вели, уникатноста е начинот на кој може да се опстои во време кога сите купуваат производи онлајн. Данче изработува и бакарен накит, иснпирацијата биле флората и фауната од Охридското езеро.
Моите производи се посебни, бидејќи и да сакам нешто да го направам по втор пат. Тешко дека ќе можам истото да го повторам, да биде како првиот пат и затоа се уникатни. Поготово сега најново ми е изработката на колекцијата накит Охридски сунѓер. Инспирација добив од охридскиот нуркачки центар „Амфора“. Тие имаа истражување за охридскиот сунѓер во езерото и е ендемичен вид. Ме заинтересира неговата форма, па почнав да експериментирам, па наместо со жица, почнав со ленти бакарни, па се тоа го споив со смола и добивав разни парчиња. Сите тие парчиња уникатни – истакна Наумоска.
Занаетот го научила од нејзиниот татко, но со текот на годините, Наумоска објаснува дека посетувала најразлични обуки со цел да ги усоврши и надогради нејзините вештини. Побарувачката кај туристите, вели Наумоска, е секогаш различна.
Затоа имам толку широк асортиман на производи. Не се знае, секогаш е различна, зависи и периодот. Во зимскиот период се бараат иконите. На лето се бара нешто охридско, со мотиви од Охрид како сувенирски производи – додава Наумоска.
Наумоска изработува и уникатни парчиња мебел и покуќнина, за чијашто изработка најмногу и помага незиниот сопруг, за кого ќе рече дека е нејзиниот главен асистент. Вели дека поддршката од сопругот многу и го олеснува секојдневието, бидејќи не е лесно да се балансира занаетчиството со професијата домаќинка без помош од брачниот другар.