Со дуално образование ќе се надополнува недостигот на кадар
Со дуално образование Струга ќе го надополнува недостигот на кадар на пазарот на трудот. Пекари, слаткари и текстилци се едни од најбараните стручни кадри.
Стручното училиште „Нико Нестор“ преку практична настава во компаниите, во текот на четиригодишното образование ги подготвува учениците да може да одговорат на потребите на пазарот.
Практичното работење во една компанија сите четири години практичната настава ја изведува во истата компанија. Предност за компанијата односно најголемата придобивка за компанијата е тоа што после четири години добива оспособен, односно остручен кадар за профилот кој што самата компанија го нуди – вели Кети Јанкоска, директор на „Нико Нестор“ Струга.
Практичната настава се одвива два пати неделно, таму учениците преку работа во компании ги добиваат потребните квалификации, за во иднина да може да градат кариера.
Пред две години почна да се воведува дуалното образование во нашето училиште. Првата година почнавме со прехрамбениот техничар во склоп на хемиската струка. Од минатата година и текстилната струка ни е веќе дуална паралелка. Од оваа учебна година и економската струка оди со дуална паралелка – вели Јанкоска.
Дуалното образование се смета за „златен стандард“ во светот, тоа е од голема важност бидејќи таквото комбинирање на настава и пракса придонесува за развој на високо квалитетни практични вештини, кои ги бараат работодавците. Тоа го олеснува патот на учениците кон достојно и брзо вработување.
Новинар : Соња Рилковска