По налог на директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, инспекциските служби на АХВ пред велигденските празници спроведуваат засилени инспекциски контроли на продажбата на јајца, бои за јајца, месо и други прехранбени производи. Налог е издаден и за засилување на инспекциските контроли на граничните премини за пратките со јајца кои се увезуваат во земјава, каде акцент со контролите е ставен на датумот на пакување и означување, временскиот рок на траење, кој за овој производ не смее да биде подолг од 28 дена, односно за јајцата декларирани како „екстра” не повеќе од 9 дена.
Контролите на домашниот пазар се спроведуваат во производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на јајца, со акцент на нивното означување, условите на чување и складирање на овој прехранбен производ, за кој пред празниците постои зголемена побарувачка. Со засилените инспекциски контроли опфатени се и производителите, увозниците и трговците со бои за јајца, во поглед на тоа дали тие ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на боите, односно дали истите се во согласност со одредбите од Законот за безбедност на храната и Правилникот за адитиви кои се користат во храната – вели директорот Бабовски.
Се контролира дали боите се соодветно означени и спакувани во оригинално пакување, бидејќи, додава тој, бојата во ринфуз состојба и без декларација е небезбедна.
Боите не смеат да претставуваат опасност за здравјето на луѓето и не смеат да влијаат на нутритивниот квалитет на храната. Затоа треба да се внимава, бои да се купуваат исклучиво од регистрирани оператори кои се под контрола на АХВ – објаснува директорот на АХВ.
Засилени се и контролите во месарниците и месарниците со работилници, кои вршат промет со свежо месо и подготовки од месо. Акцент на оваа категорија оператори со храна, ставена е на контролата на здравствената ознака на месото, комерцијалните документи, следливоста, условите за чување и одржувањето на ладниот ланец во прометот со месо и подготовките од месо, како и нивното декларирање.
Дел од засилените контроли се и другите прехранбени производи, особено овошјето и зеленчукот кај кои се проверуваат органолептичките карактеристики, како и условите на чување и складирање.
Како одговорна институција за безбедноста на храната, во пресрет на велигденските празници, апелираме до граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и да купуваат исклучиво од регистрирани или одобрени оператори со храна, а секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, вклучително и на боите за јајца, да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk – потенцира Бабовски.